Претседателката Сиљановска Давкова ќе чека да биде донесен новиот Закон за судски совет, па да предложи кандидат за ова тело. Утре му истекува мандатот на членот Миљазим Мустафа, предлог на најзиниот претходник Пендаровски, а претседателката денеска ќе го извести собранискиот спикер Гаши за причините зошто сега не предлага негов наследник. Смета дека критериумите за избор во актуелниот закон, кој го нарече лош, се несоодветни и овозможуваат политизација и партизација во судскиот совет.
„Работата на советот минус еден член, нема да го оневозможи одлучувањето, бидејќи знаете дека одлуките се носат со осум члена од 15-те. Кога мерам, јас не би сакала во последниот воз или налет по стариот закон, каде што не е јасно што е тоа истакнат правник, а да не говорам и за самата постапка, таа не е конкурентна, не е компетитивна, со еден кандидат е, има решенија кои што мислам дека е добро секој нов член на Судскиот совет да ги исполни за да влезе во Судскиот совет“, вели претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Како чудно решение во актуелниот закон, го посочува тоа што може да биде избран само професор со правосуден испит е пречка тие да влезат во ова тело. Тоа е отстрането во новиот предлог закон за судски, а според претседателката во него има и многу други предности како што е постапки на избор со комисија интервју и вклучена јавност.
Според верзијата која сега е објавена, Сиљановска Давкова до пратениците ќе треба да предложи два кандидата, а Собранието да избере еден од нив.
Одлуката да го почека законот го донела во консултација со професори, адвокати, судии и со министерот за правда кој ја уверил дека донесувањето ќе оди брзо.
Согласно реформската агенда, местото на Мустафа треба да се пополни со член избран според новиот закон за судски совет, но предлогот е во владина процедура, а рокот да биде донесен во Собранието беше кон крајот на јуни.
Во меѓувреме, од министерството информираа и дека го добиле мислењето од Венецијанската комисија кое го опишуваат како конструктивен документ со јасни насоки и препораки.
Следни на кои им истекува мандатот во судски совет се Весна Дамева и Селим Адеми во декември.
Елена Ивановска Мукоска