Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на својата 47. сесија во Париз предложи Охридскиот регион да биде ставен на Листата на светско природно и културно наследство во опасност.
Во нацрт-документот се укажува на продолжена деградација на природните и културните вредности на регионот, што се должи на недостаток на ефективни мерки за заштита и управување од страна на државните и локалните институции.
УНЕСКО ги повикува властите да преземат итни чекори за изработка на стратешка еколошка проценка и да сопрат урбанистички проекти додека не се обезбеди одржливо планирање.
Дополнително, се бара итно справување со нелегалните градби и нивно отстранување, како и заштита на критичните природни подрачја како Студенчишкото блато.
Во документот е истакната и потребата за зајакнување на прекуграничната соработка со Албанија, како и детална проценка на влијанијата од инфраструктурните проекти, вклучително и трасата на железничкиот и автопатниот Коридор 8.
Овие мерки се неопходни за зачувување на уникатните вредности на Охридското Езеро и регионот како целина.
Доколку нацрт-одлуката биде усвоена, тоа нема да значи исклучување на Охрид од Листата на светско наследство, туку предупредување за сериозната загрозеност на регионот.