Подесено е обвинение против поранешниот директор на затворот во Шуто Оризари, Филип Андов и 7 вработени бидејќи на петмина осуденици им овозможиле погодности што согласно судските одлуки не им следувале. Истрагата беше отворена во февруари годинава од страна на Обвинителството за гонење на органзииран криминал и корупција, а стануваше збор за осуденици кои биле од висок безбедносен ризик, а им било овозможено слободно да шетаат.
„Осомничените во период од март до јули 2024, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија, при вршење на нивните овластувања, при што на петмина осуденици им овозможиле погодности што согласно судските одлуки не им следувале. Тие дозволиле осудените да бидат спроведени до нивните домови и до други локации за приватни потреби спротивно на постапката за спроведување на лица лишени од слобода вон установа“, соопштија од ОЈО ГОКК:
Осуденици од затвор се спроведуваат единствено до суд, здравствена установа или друг орган. Но, петмината осуденици доставувале молба до Андов кој со факсимил или потпис одобрувал повремено да го напуштат затворот. Потоа затворските полицајци користејќи службени возила и службено гориво ги носеле осудените до определените места ослободувајќи ги да извршуваат приватни работи, а по 8 до 10 часа ги враќале назад во затворот. Андов на дел од осомничените затворски полицајци им одобрувал прекувремени работни часови. Тие предизвикале штета на Буџетот за сметка на мала имотна корист.
Андов и двајца полициски службеници како соизвршители се гонат за„Злоупотреба на службена положба и овластување“. Шест полициски службеници се товарат и за „Несовесно работење во службата“. Отфрлен е случајот протв две лица кои иста така беа под истрага поради немање на докази.
Марија Митевска