Дванаесет од повредените од пожарот во дискотеката Пулс во Кочани сè уште се на болничко лекување, од нив седум се во странство, петмина во државата, а еден сè уште е во тешка состојба, информираше директорот на Фондот за здравство, Сашо Клековски на денешната панел-дискусија „Кочани е нашиот приоритет“. Низ болниците во Кочани, Штип и Скопје тече процесот на рехабилитација на повредените пациенти, кои во првиот момент 187 биле регистрирани на болничко лекување, од кои 116 во странство, а 71 во Македонија. Дел од нив јавно говорат за проблемите и условите на болниците.
Според Клековски до медиумите пристигнуваат исклучително гласовите на незадоволните, а се тивки оние кои се задоволни од помошта на државните институции. Клековски јавно го кажа и својот број на којшто можат да му се јавуваат пациентите, за да проблемите се решаваат во òд.
Во однос на боледувањата, Клековски рече дека се решаваат во òд и повика доколку има каков било проблем да се обратат во подрачната служба да се регулира. Инаку од резервите на Буџетот на државата се одвоени 30 милиони денари за да се пружи помош при транспортот, сместувањето на придружбата на пациентите.
Од посебната сметка на Црвениот крст за помош на семејствата на 62 жртви и за повредените досега се исплатени 107 милиони денари, остануваат уште над 49 милиони денари. Секретарот на Црвениот Крст, Саити вели дека во моментов се чека да заврши евалуацијата на повредните, по што ќе бидат исплатени и овие средства на повредените.
Надлежните уверуваат дека Македонија има капацитет да го организира понатамошниот третман и рехабилитација на пациентите од трагедијата во Кочани. Владината портпаролка, Марија Митева вели дека премиерот имал средба со дел од семејствата на загинатите и поради нивно барање, не е јавно објавено, а за средба во Кочани јавноста ќе биде информирана, кога тоа ќе се случи.
Викторија Димитрова Јованова
СДСМ: Одбија помош за Кочани, сега држат трибини – срамна бездушност на ВМРО-ДПМНЕ