За возачот казна од 45 евра, а за евентуалното непостапување на полициските службеници истрага во Одделот за внатрешна контрола. Ова е епилогот од драмата со непрописно паркирано возило марка „Порше“ во центарот на Скопје.
Во непосредна близина на рестораните во Дебар Маало, граѓани со мобилен телефон го снимале целиот настан. Потоа, снимките завршија на социјалните мрежи и таму се гледа како возилото е паркирано на велосипедската патека на улицата „Орце Николов“.
Граѓани повикале пајак-службата на Општина Центар да дојде и да го подигне возилото, но на снимките се слушаат и реакции упатени до полицаецот со замерка дека не сака да постапи.
Неофицијално, возилото било управувано од Срѓан Керим. Телма се обиде да добие став од него, на што тој одговори дека „нема што да разговараме“ и дека е во странство.
„Нашите вработени не се тие кои одлучуваат и тие официјално не утврдуваат дали едно возило е прописно паркирано или не и дали истото ќе биде подигнато или не, туку си го вршат својот дел од работата по добиениот налог. И од видеото може да се види дека веднаш по добиениот налог тие постапуваат. Мислам дека може да се увиди од видеото дека има одредена дилема кај службеното лице, но потоа на крајот одлучува да се подигне и возилото е подигнато и однесено во депото на пајак-службата“, вели Душко Коцевски, директор на ЈП Паркинзи на Општина Центар.
Од МВР стигна потврда за настанот, со информација дека истиот се случил на 22 март.
„Возилото е подигнато од страна на ПОЦ, а од страна на СВР Скопје се преземени мерки по член 63 став 6 од Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата и на возачот на возилото С.К. му е издаден платен налог. Исто така ве информираме дека предметното возилото не е на полициски службеник“, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Околу тоа како постапувале полициските службеници, ќе каже истрагата во Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР. Од полицијата најавуваат детали веднаш по завршување на целата постапка.
Петар Догов