Вести Свет Топ вести

Бев во Дамаск до утрото на 8 декември, Русите ме евакуираа во Москва од базата Хмеим – прво обраќање на Башар ал Асад по падот од власт во Сирија

Поранешниот претседател на Сирија, Башар ал Асад за првпат јавно се огласи по соборувањето од власт на почетокот на декември и неговата евакуација во Русија. Во пишано соопштение објавено денеска (16 декември), тој детално ги опиша околностите под кои ја напушти земјата, истакнувајќи дека неговото заминување ниту било планирано, ниту изнудено во „последните часови на борбите“.

Асад наведе дека до утринските часови на 8 декември бил во Дамаск, каде ги извршувал претседателските должности. Кога опозициските сили почнаа да навлегуваат во градот, одлучено е во координација со руските сојузници да се префрли во Латакија, каде од базата Хмеим ќе ги надгледува борбените операции.

„По доаѓањето во базата Хмеим тоа утро, стана јасно дека нашите сили се повлекоа од сите борбени линии, а последните воени позиции паднаа“, пишува Асад, пренесува „Скај њуз“.

Како што продолжуваа борбите, така ситуацијата се влошуваше, па дури и базата Хмеим станала мета на интензивни напади со дронови. Асад истакна дека во тој момент Москва побарала итна евакуација од базата.

„Без одржливи можности за одбрана, руската команда одлучи да ја евакуира базата. Во вечерните часови на 8 декември беше организирана итна евакуација во Русија, по падот на Дамаск и уривањето на последните линии на одрбана, што резултира со парализа на останатите државни институции“, вели Асад, пренесува „Гардијан“.

Асад во обраќањето истакна дека во ниту еден момент за време на војната не ја разгледувал опцијата за поднесување на оставка, барање на азил или бегство од земјата.

„Единствена цел беше продолжување на борбата пред налетот на терористите“, изјави Асад, додавајќи дека никогаш не прифатил понуди кои би го загрозиле народот на Сирија или би го компромитирале „отпорот во Палестина или во Либан“.

Ова е прво јавно обраќање на Асад, откако бунтовничките сили ја презедоа контролата врз најголем дел на Сирија. Неговата изјава е објавена на официјалниот Телекграм канал на сириското Претседателство, датирана на 16 декември во Москва, што потврдува дека Асад се наоѓа во Русија.

Информациите што го изнесе доаѓаат по претходните извештаи во кои се наведуваше дека Асад се обидуваше да ја продолжи борбата, но оти руските сили го евакуирале поради сè полошата ситуација на теренот. Неговите изјави даваат дополнително светло на хаотичните настани во последните денови на власт, вклучително и повлекување на војската, падот на Дамаск и евакуацијата на рускиот персонал и сириското раководство од базата Хмеим.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Сенатот го усвои „големиот прекрасен закон“ на Трамп

Дејан Дејан

Топлотен бран ширум Европа – повеќе земји бележат рекордни температури за овој период од годината

Дејан Дејан

Изборниот законик пример за различни предизвици во реформската агенда

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе