Вести Свет Топ вести

(видео)Физичката пресметка меѓу пратениците од власта и опозицијата во српскиот парлемент на седницата за буџетот за идната година

Седницата на Собранието на Србија, по бројните инциденти и прекини поради физичката пресметка меѓу претставниците на власта и опозицијата, заврши нешто пред 15 часот, бидејќи без дискусија и за само неколку минути беше ставен на гласање дневниот ред на седницата, кој што откако беше усвоен, расправата заврши.

Како што јавува српската агенција Бета, на заклучокот од денешната седница му претходеше пауза, по што претседателката на парламентот, Ана Брнабиќ, порача дека мора да се продолжи со парламентарната работа бидејќи на дневен ред е предлог-буџетот за 2025 година.

И покрај извиците на опозицијата дека седницата не може да се продолжи, Брнабиќ ги прочита точките од дневниот ред и бидејќи никој не се јави на дискусија, таа објави дека генералната расправа е завршена и веднаш ја затвори седницата.

Говорот на Брнабиќ го прекинаа пратениците од опозицијата со свирежи и вувузели, додека голем број членови на собраниското обезбедување ги опколија местата каде седат претседателот на Собранието и министрите.

„Нема да не спречите, Србија ќе победи, никогаш нема да не поразите и да ја дестабилизирате Србија“, извика Брнабиќ обраќајќи и се на опозицијата, која го исвирка нејзиното обраќање, јавува Бета.

Денешната седница ја одбележаа голем број инциденти кои почнаа кога пратениците од опозицијата кренаа транспаренти на кои пишуваше „рацете ви се крвави“ и „корупцијата убива“, на што пратениците од власта одговорија со транспаренти на кои пишуваше „жолти ѓубриња, корупција и кражба се вашето средно име“.

Кога премиерот Милош Вучевиќ и министрите влегоа во салата, дел од опозицијата се приближија до клупите наменети за министрите во обид да залепат налепници со натпис „рацете ви се крвави“.

Следеше тепачка, а при меѓусебно туркање дел од пратениците си разменија удари, па мораше да интервенира и собраниското обезбедување.

Откако седницата за предлог-буџетот за следната година беше прекината поради тепачка меѓу пратениците од власта и опозицијата, Брнабиќ рече дека секој непријател на Србија е „пресреќен“ поради денешните случувања во Собранието.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Фрлен отпушок од автомобил причина за пожарот кај Блаце?

Дејан Дејан

Продолжува топлотниот бран, денеска до 41 степен

Дејан Дејан

ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе