Владимир Путин е подготвен да разговара со новиот американски претседател Доналд Трамп за крај на војната во Украина, објави Ројтерс, повикувајќи се на пет сегашни и поранешни руски официјални лица. Потврда за такво нешто дојде и од портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Претседателот е подготвен за контакти и преговори по прашањето на Украина и зборува за тоа. Претседателот, повеќепати досега, да не речам секогаш, зборување дека е подготвен за разговори и преговори“, изјави Песков и додаде оти Путин претпладнево имал „меѓународен телефонски повик“, без да открива детали со кого и за што.
Но, Путин ја отфрла можноста за значителни територијални отстапки и инсистира Киев да се откаже од амбициите за членство во НАТО, рекоа пет извори кои се запознати со размислувањата во Кремљ.
Според нивните детални извештаи што би можел да прифати Путин во договорот за кој би посредувал Трамп, не се исклучува и опцијата за замрзнување на војната долж моментните линии на фронтот, пишува „Ројтерс“.
Постои простор за преговори за прецизно разграничување на четирите источни региони во Украина – Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје, наведуваат три извори. Москва тврди дека тие региони се руски во целост, иако нејзините сили на терен контролираат 70 до 80 отсто од териториите додека преостанатите 26.000 километри квадратни се под контрола на Киев.
Двајца официјални претставници рекоа дека Русија би можела да разгледа повлекување од помали делови во областите Харков и Миколаев. Меѓутоа Путин предупреди дека било каков прекин на огнот мора да одразува „реалноста“ и изрази загриженост дека привремено примирје би можело да му овозможи на Западот повторно да ја вооружи Украина. Два извора, пак, сметаат дека дозволата на претседател на САД во заминување, Џо Бајден за употреба на ракети со долг дострел од Украина за напади во длабочина на руска територија, би можела да искомпликува евентуален договор и да ги засили тврдите барања на Москва.
Запрашани како би можел да изгледа можниот прекин на огнот, два руски извора се повикаа на нацрт договорот кој за малку не беше одобрен во април во 2022 година по разговорите во Истанбул за кој Путин во јавноста го споменуваше како можна основа за договор. Според тој договор, Украина треба да се согласи на трајна неутралност во замена за меѓународни безбедносни гаранции од пет постојани членки на Советот за безбедност – САД, Русија, Кина, Велика Британија и Франција.
Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, кој вети брзо завршување на војната, се враќа во Белата куќа во период на руска доминација на теренот. Москва контрола дел од Украина со големина на американската сојузна држава Вирџинија и напредува со најбрзо темпо од почетокот на инвазијата во февруари во 2022 година.