Со масовното исселување на граѓаните и намалување на учениците веќе почнува да се појавува вишок на наставници, вели министерката за образование Јаневска. Таа објасни дека Владата има план со кој тие вишок наставници ќе ги направи функционални и ќе ги задржи во образовниот процес.
„Стратегијата е едносменското работење, подолгиот престој на учениците и на наставниците во училиштата и целодневната настава која се покажала како многу ефикасна во повеќе земји“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Предвидено е зголемување на бројот на ученици во паралелки, односно да има најмалку 20 ученици. Министерката Јаневска најави дека оние училишта кои имаат мал број ученици ќе треба да се префрлат во централните училишта со цел да стекнат подобри знаења.
Со тоа според Јаневска ќе се зголеми вишокот на наставници, но тие кои се вишок ќе остануваат и втора смена за дополнителни активности, а дел од нив по законските измени ќе добијат понуда за работа во Бирото за развој на образование и во Државниот испитен центар, каде веќе има недостаток на кадар.
„Идејата е дека целиот фонд на наставници треба да го искористиме за учениците да стекнуваат подобри знаења. Бирото за развој на образованието, Државниот просветен инспекторат, Државниот испитен центар и Центарот за средно стручно образование имаат потреба од искусни луѓе. Ќе им понудиме на наставниците по законските измени да се префрлат во овие институции за да можат да дадат свој импакт на образованието“, додава Јаневска.
Според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, бројот на ученици од година во година опаѓа, а истовремено се зголемува бројот на наставници.
Тамара Марковска