Вести Македонија Топ вести

Тројца малолетници од соседството го подметнале пожарот кај Расадник

Пожарот кај Расадник е подметнат и вмешани се три деца од блиското соседство. Засега ова е познато за силниот оган, кој пред два дена се распламти и кој дојде, речиси, до зградите. Информациите ги изнесе градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Потврда за ова се чека од институциите, како и детали за причините и што му претходело на пламенот. Од локалната самоуправа бараат полицијата целосно да го расветли случајот.

„Се работи за сериозна информација. Не е шпекулација. Станува збор за тројца малолетници коишто живеат во непосредна близина на местото. Знаете, понекогаш нечија детска игра може да предизвика сериозна штета и фала на Бога што таму немаме материјална штета, немаме човечки жртви, што е многу важно“, изјави Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Општина Кисела Вода.

Од министерството за внатрешни работи (МВР) потврдуваат дека неколку лица се повикани на разговор.

„Повикани се неколку лица. Во координација со јавен обвинител се преземаат мерки за целосно расветлување на случајот, по што ќе следува и соодветен поднесок“, информира МВР. 

Веднаш по пожарот, на социјалните мрежи најгласни беа шпекулациите дека инвеститори кои купиле приватни парцели притискаат за побрзо да се донесе ДУП и да се започне со градба.

За градоначалникот на Кисела Вода, овие шпекулации потекнуваат од опозицијата. Тој тврди дека нема да дозволи просторот нехумано да се бетонизира, но нов Детален урбанистички план (ДУП) сè уште нема.

Пред, речиси, една година, Кисела Вода одлучи новиот План за Расадник да биде комбинација од најдобрите решенија добиени со меѓународен конкурс. Досега веќе требаше да се наѕираат контурите на новиот ДУП, се најавуваше и постапка за избор на планер. Но, општината во моментов има други приоритети, дециден е градоначалникот.

„Тендерот сѐ уште го немаме објавено поради тоа што тоа се прави според претходно изработен финансиски план на општината. Општината во моментов има посериозни приоритети како инвестиции во образованието. Таму фали зеленило, фалат паркови, фалат патеки за пешачење, фалат објекти од јавен карактер фали нова градинка, училиште фали, таму земјоделскиот институт има свои простории па зошто да нема таму и еден добар државен универзитет“, додава Ѓорѓиевски.

Засега сѐ уште нема сознанија колку голема површина изгоре при пожарот. Тоа ќе се знае по увидот и анализите кои се во тек.

Веднаш по пожарот, со соопштение се јавија и од Град Скопје, од каде што подаваат рака на Општина Кисела Вода за просторот да се оплемени, наместо да остане запуштен.

 Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ќе се формира комисија во врска со детето од Кавадарци

Дејан Дејан

Уште едно обвинение за случајот со дискотеката „Пулс“

Дејан Дејан

Израелски сили пресретнаа брод со активисти на пат кон Газа

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе