И по две ипол години од почетокот на таканаречената руска интервенција за денацификација во Украина, војната продолжува со полна жестокост и неброени жртви на двете страни. Нема никаков знак за можно решение на конфликтот, а со своите последни чекори напротив двете страни наговестуваат само разжестување на крвопролевањето.
Во послениот во низара руски ракетни напади кој го погоди еден од најоддалечените украински градови од линијата на фронтот доцна синоќа загинаа најмалку седум лица, а над 50 се повредени.
Нападот следи по само еден ден од ракетирањето на воена академија и блиска болница во Полтава кои беа мета на две балистички ракети и во кој загинаа најмалку 50 луѓе, а над 200 беа повредени.
Од осум часот наутро повеќе од 35 лица добиваат лекарска помош. Неколку од нив се во тешка состојба, меѓу кои и пет деца. Загубивме три лица, меѓу кои и еден медицински работник. Причинета е и голема материјална штета, уништени или оштетени се повеќе од 50 објекти, голем дел од нив во срцето на нашиот град, од непроценливо историско наследство, информира градоначалникот на Лавов, Андриј Садови.
Нападите во Лавов беа причина украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба да си поднесе оставка од функцијата, а доаѓа по само една недела од најавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски за реконструкции на владиниот состав.
Кулеба за време на неговиот мандат оствари голем број средби со претставници на западните земји барајќи поголема поддршка за одбрана на неговата земја.
За иднината на Европа се одлучува во Украина, за иднината на Блискиот исток се одлучува во Израел, а за иднината на светскиот поредок се одлучува на овие две места, изјави Кулеба за време на неговата посета на Италија во април годинава.
И додека руските ракети го разоруваат својот источен сосед , а Западот преку санкции се обидува да го стесни паричникот на Путин за војната во Украина, во Владивосток се одржува Источниот економски форум на кој Путин денеска оствари средба со кинеската делегација.
Заедно со потпретседателот Хан Женг ги потврдија заедничките заложби за посветен развој на односите меѓу двете земји и покрај тековните предизвици.
Благодарение на заедничките напори, односите меѓу Кина и Русија достигнаа невидено високо ниво. Исто така, придаваме голема вредност на меѓурегионалната соработка, истакна рускиот претседател Владимир Путин.
Кина секогаш ќе работи со Русија за да го спроведе консензусот постигнат од двајцата шефови на држави и континуирано да ги унапредува односите меѓу двете земји, порача кинескиот потпретседател Хан Женг.
На средбата беше констатирано дека трговската размена меѓу Русија и Кина изминатите две години надминала 200 милијарди американски долари.
Соработката меѓу Кина и Русија дополнителни ги разниша односите мегу Пекинг и Западот кој обвинува дека земјата му помага на Путин да ја продолжи разорната војна.
Александар Петрески