Украинскиот претседател Володимир Зеленски, иако индиректно, за првпат јавно призна дека формации на официјален Киев се борат во руската област Курск. Тој додаде дека операцијата е дел од настојувањата на Украина да го притисне агресорот. Зеленски ги пофали војниците за ангажманот и се заблагодари за нивното заробување на руски војници кои ќе се користат во преговорите во иднина.
Украински единици од вторникот се наоѓаат на руска територија и извршуваат операции за кои Зеленски молчеше досега. Тие ја изненадија руската војска и се пробија до 20 километри во областа Курск. Навлегувањето е реализирано со над 1.000 војници, поддржани од 10-тина тенкови и 20-тина други оклопни возила и претставува најголем и најсериозен украински упад од почетокот на руската инвазија врз Украина во февруари во 2022 година.
И додека украинските и руските сили веќе шести ден водат борби во Курск, продолжува евакуацијата на цивили од пограничните подрачја. Досега се раселени околу 76.000 жители кои се сместени во 20-тина центри за привремено сместување во областа.
Русија воведе антотерористички мерки за областите Курск, Белгород и Брианск. Со нив се опфаќа можно расселување на население, ограничувања во сообраќајот, засилено осигурување на чувствителните локации и прислушување на комуникациите. Москва во меѓувреме достави војници, тенкови, разни оклопни средства, летала и муниција со различен тип и калибар во областа Курск за одбивање на украинскиот напад и враќање на контролата врз целата територија.
Сашко Димовски