Вести Свет Топ вести

Рој украински дронови, експлозии на руска територија и евакуација на луѓе – Москва прогласи федерална вонредна состојба во Курск

Русија прогласи федерална вонредна состојба во регионот на Курск, каде четврти ден траат борби по продорот на украински формации на нејзина територија. Во најновиот налет со дронови, погоден е воен аеродром во Липецк, оштетена е енергетска инфраструктура што предизвика нарушување во снабдувањето со струја во делови на областа. И додека проукраинските медиуми јавуваат за силен продор на украинските единици, проруските јавуваат дека украинското напредување е запрено. Борби се бодат и во околината на градот Курск, што резултираа со апели за евакуација на населението, а украинска мета во текот на ноќта биле и локации на Крим.

Рускиот претседател Владимир Путин вети финансиска помош за оштетените граѓани од украинските напади. Заменик претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев рече дека специјалната воена операција треба да добие отворен екстериторијален карактер и, меѓудругото, да вклучува и заземање на Киев. Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Москва мора да ги почувствува последиците од нападот врз неговата земја.

„Русија ја донесе војната во нашата земја и треба да почувствува што направи. Украинците знаат како да ги остварат своите цели. Сите можат да видат дека украинската војска знае како да изненади и да постигне резултати“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Дел од аналитичарите го гледаат украинскиот напад како прв чекор кон промена на стратегијата на Киев во војната со Русија. Според Џен Спиндел, професорка на универзитетот во Њу Хемпшир, Украина не може да продолжи да војува како во изминатите две години, бидејќи, како што вели, „нема ниту луѓе, ниту оружје“.

Австрискиот воен аналитичар, потполковник Маркус Рајзнер смета дека украинската офанзива е внимателно планирана и оти руската разузнувачка служба доживеала „целосен неуспех“. Украина, според него, извојувала јасна информациска победа, оти вниманието сега не е насочено на Донбас, туку на Курск.

Густав Гресер, пак, на ситуацијата околу Курск гледа со малку повеќе скепса. Тој вели дека упадот на руска територија е добар за моралот на украинските војници, но ќе нема големи последици по војната во целина. Стручњакот од берлинскиот истражувачки центар – Европски совет за надворешна политика не гледа сигнали дека Русија ќе повлече сили од источна Украина и гледа поголема корист за Кремљ од дополнителното растегнување на украинските сили.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Вработил без јавен оглас и одобрение од Финансии – кривична за директор на основно училиште во Липково

Дејан Дејан

(Фотогалерија) Повредени 24 луѓе, спасени екипажи, патници, деца – силно невреме мина низ Сплит

Дејан Дејан

Владата прогласи кризна состојба поради пожарите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе