Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг вели дека војната во Украина покажува колку тесно соработуваат Русија, Кина, Северна Кореја и Иран.
Тој смета дека Кина значително ја помага руската агресија во Украина. – Сите тие сакаат НАТО и САД да доживеат неуспех во Украина.
Ако Путин победи во Украина, тоа не само што ќе го охрабри, туку ќе го поттикне и кинескиот претседател Си Џинпинг.
Како што рече јапонскиот премиер: Она што се случува во Украина денес може да се случи утре во Азија, потенцираше Столтенберг.
Тој посочи дека присуството на Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и Јужна Кореја на Самитот на НАТО, кој се одржува од 9 до 11 јули во Вашингтон, покажува дека светот станува сѐ покомплексен, пренесува Политико.
Ние носиме важни одлуки за зголемување на поддршката за Украина, а НАТО ќе го преземе обезбедувањето и координацијата на безбедносната помош за земјата, посочи генералниот секретар на НАТО.
Претстојниот ќе биде последен Самит под водство на Столтенберг, кој наесен ќе биде наследен од поранешниот холандски премиер Марк Руте.