Вести Македонија Топ вести

Нова судска драма за уставната судијка Кацарска: На Судскиот совет предводен од Дамева „му текна“ дека пред две години ја пензионирале како судијка

Претседателката на Судскиот Совет Весна Дамева за Телма потврди дека Советот со нејзин потпис испратил до Собраниет, известување за старосно пензионирање на уставната судијка Добрила Кацарска. Дамева тврди дека не станува збор за иницијатива за разрешување на Кацарска туку за известување „за запознавање и евентуално натамошно постапување“ на Собранието. Според Уставот, Собранието нема никакви овластувања за да разрешува уставни судии туку таа должност ја има само Уставниот суд кој се уште не е известен за дописот потпишан од Дамева. Не е предвидено ниту старосно пенизонирање на уставни судии, а симптоматично е што одлуката за пензионирање на Кацарска, Судскиот совет ја донел пред две години, но дури сега ја комуницира со парламентот.

Судскиот совет го известил Собранието дека пред две години ја испратил во пензија судијката на кривичниот суд Скопје, Добрила Кацарска откако ги исполнила условите за старосно пензионирање. Кацарска е уставна судијка чиј мандат е регулиран со Уставот, но од Судскиот совет сметале дека треба да го пратат известувањето до Собранието кое ги бира уставните судии.

Претседателката на Судскиот совет Весна Дамева за Телма потврди дека пред два дена испратила известување до Собранието за Кацарска.

-Официјално го известивме Собранието дека Кацарска како уставен судија предложен од Судскиот Совет ги исполнила законските услови за пензионирање според измените на Законот за работни односи од 2022-ра, ни рече Дамева.

Дамева тврди дека не барале разрешување како што се објавува во медиумите бидејќи тоа не е во нивна надлежност. Пративме до Собранието само официјално известување „за запознавање и евентуално натамошно постапување“ од страна на надлежниот орган, ни рече Дамева во телефонски разговор.

Според Уставот, функцијата на уставен судија престанува во три случаи. Ако сам си поднесе оставка, а може да биде разрешен „ако биде осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или кога трајно ќе ја загуби способноста да ја врши својата функција“.

Уставот наведува дека надлежен за утврдување на овие околности е самиот Уставен суд, а не Собранието до кое претседателката на Судскиот Совет Дамева го испратила дописот за пензијата на Кацарска од пред две години.

Од Уставниот суд ги цитираа овие одредби и наведоа дека немаат никакви официјални информации.

-Уставниот суд информира дека во отсуство на официјални информации за било каква иницијатива за престанок на мандат на судија на Уставниот суд нема да дава коментари. одговорија од највисоката судска инстанца.

Со Уставот не е предвидено старосно пензионирање на уставни судии поради што во историјата на Уставниот суд има повеќе судии чиј 9-годишен мандат бил длабоко во годините за пензија. Судијката Елена Гошева дури беше избрана на 64-годишна возраст (две години по возраста за пенизонирање на жени), додека најстар уставен судија бил Јован Јосифовски чиј мандат завршил на речиси 74 наполнети години.

Меѓу уставните судии кои биле старосно за во пензија, но се уште ја носеле уставно-судиската тога, се Вангелина Маркудова, Гзиме Старова, Вера Маркова.

Претседалката на Судскиот совет Весна Дамева ни објасни дека слично законски одредби биле применувани за членовите на судскиот совет кои ги исполнувале условите за старосно пензионирање. И во известувањето биле посочени пенизонерските примери од Судскиот совет кои пак се носени според Законот за судски совет и според Законот за работни односи.

Од друга страна, нема посебен закон за Уставниот суд туку изборот на уставните судии и нивно разрешување се врши согласно Уставот.

Новата влада на ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата Вреди и ЗНАМ најавуваше распуштање на актуелниот состав на Судскиот Совет и реформи на начинот за негов избор. Меѓутоа се појави отпор меѓу опозицијата, правната фела, а слични „совети“ против распуштање на судскиот совет, претставниците на владата добија и од дипломатите на ЕУ и САД.

Ден пред дипломатите да укажат дека не се согласуваат со плановите за распуштање на Советот, Судскиот Совет во официјален допис со потпис на претседателката Весна Дамева упатил известување за запознавање и евентуално натамошно постапување до Собранието за уставната судијка Кацарска.

Добрила Кацарска која до неодамна беше претседателка на Уставниот суд често е цел на дигитални и интернет закани, а во средината на мај имаше и обид за физички напад врз неа за кој досега МВР и обвинителството не известија дали ја завршиле истрагата.

Во меѓувреме, Судскиот совет одлучи да испрати известување за Кацарска дека уште во времето на претходната власт, пред две години и определиле старосна пензија како судијка во кривичниот суд.

Интересно е што претходно во Кривичниот суд во Скопје, Весна Дамева, определен период, била стручна соработничка на судијката Добрила Кацарска.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Прекинат е инвестицискиот циклус за домашните компании, рече Битиќи (видео)

Дејан Дејан

(видео)Битиќи во Вин-Вин: Пожарникарите треба да земаат по 100.000 денари месечна плата

Дејан Дејан

(видео)Битиќи во Вин-Вин: Пругата кон Бугарија е важна затоа што североисточниот регион е шестпати посиромашен од скопскиот

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе