Лидерите на ЕУ се договорија за главните позиции. Уште еден мандат за Урсула фон дер Лајен во ЕК, Антонио Коста ќе го замени Шарл Мишел во Европскиот совет, а Каја Калас доаѓа на местото на првиот дипломат Жозеп Борел.
„Мисијата е завршена. Европскиот совет испорача. Имавме важна тема што требаше да ја завршиме и ние го направивме тоа“, нагласи Мишел на прес-конференција по завршување на Самитот на ЕУ.
Европскиот совет ја усвои и Стратешката агенда за правците и целите на ЕУ за следите пет години.
Претседателот на Европскиот совет порача дека ЕУ мора да ја заврши својата домашна задача во процесот на внатрешни реформи, но исто така бара и од оние земји што сакаат да и се придружат да го спроведат нивниот дел во реформите за да постигнат напредок на полето на проширувањето.
Стратешката агенда се базира на три столба – почитување на демократските вредности, зајакнување на конкурентноста како парадигма на економскиот развој и зголемена ефикасност на европската одбрана.