Една недела пред изборот врховната судијка, Цветанка Периќ, ја повлекла својата кандидатура за член на Судскиот совет, за местото во телото резервирано за судија од Врховниот суд. Судскиот совет закажа итна седница за в понеделник на која што ќе разгледува новонастанатата ситуција, со оглед дека изборот е закажан за 6 јуни.
Од Судски за Телма потврдија дека Периќ писмено ги известила дека ја повлекува кандидатурата од здравствени причини.
Со тоа, во трката за член за Судскиот совет, од Врховен суд, останува судијата Исамедин Лимани.
Местото од Врховен во Судскиот совет е упразнето околу една година, откако оставка даде Мирјана Радевска Стефкова, заедно со Зоран Герасимоваки, по контроверзното разрешување на претседателката на Советот на судии, Весна Дамева.
На огласот кој потоа беше распишан за пополнување на местото се пријави врховниот судија, Наќе Георгиев, кој пак пред да даде заклетва како член на Судскиот совет, поднесе оставка за да неговиот избор не биде законска пречка неговиот син да биде избран за судија.
Потоа пропаднаа неколку огласи за попочнување на местото, поради непријавување на кандидати, се до последниот кога се пријавија двајца врховни судии, Периќ и Лимани.