Вести Македонија Топ вести

Во регионот коси „Големата кашлица“, нашите доктори со сериозен апел: вакцинирајте ги децата

Бактериска инфекција која ги зафаќа дишните патишта – вака се опишува болеста позната како „Голема кашлица“. Најдобрата превенција е вакцината, но опфатот е загрижувачки.

Од Нова година па наваму, регистрирани се седум случаи на зараза кај нас.

Доктор Катерина Ставриќ вели дека и покрај тоа, состојбата во Македонија е стабилна. Но, се следат епидемиолошките параметри во регионот. Многу е покритично во други земји како Србија, Хрватска и Бугарија и важно е да преземеме превентивни мерки.

Докторите апелираат – покрај имунизацијата, да се внимава и да се избегнуваат затворени простори, каде што е неизбежен контакт со повеќе лица.

„Полека се трудиме да ги вакцинираме децата коишто не се вакцинирани меѓутоа сѐ уште сме со опфат под 85% што е алармантно и е еден од знаците дека можеме да ги очекуваме овие мини-епидемии од болести за коишто постојат вакцини. Опфатот со вакцина против пертусис и кај нас при првите три дози во првата година е под 90%, а на година ипол првата ревакцина е 69% – што е навистина многу ниско“ вели проф. д-р Катерина Ставриќ, детски имунолог.

Заразата демне, а текот на болеста е неизвесен, во зависност од возраста на пациентот, но и дали е вакциниран.

Прво и основно е сите бебиња на возраст од два месеци да почнат да ја примаат вакцината на два, на четири и на шест месеци затоа што тие се најризични и можат да добијат тешка клиничка слика, предупредува доктор Ставриќ.

„Кај тие што не се вакцинирани тешка е клиничката слика, а посебно и возраста тука игра улога. Доенчињата се најчувствителни за оваа бактерија и во таа возраст доколку заболат, а не се вакцинирани може да развијат тешка клиничка слика. Честопати и 50% од тие деца имаат потреба да бидат хоспитализирани во болница. А, еден мал дел од нив може да имаат и потреба од интензивна нега и терапија“ дополнува д-р Ставриќ.

Во моментов нема хоспитализирани деца на Клиниката за детски болести, со потврдена пертусис-инфекција, велат од менаџментот на болницата.

Сепак амбулантите се полни секојдневно. На преглед доаѓаат деца со респираторни симптоми.

„Во просек, на Клиниката се прегледуваат по стотина деца со респираторни симптоми. Доминира Инфлуенца А, но имаме и Инфлуенца Б, респираторно-синцицијален вирус сѐ уште, како и SARS-CoV-2. Инаку децата се со лесна доумерена клиничка слика. Имаат покачена телесна температура, кашлица, болки во телото. И најчесто имаат потреба од домашно лекување и амбулантско следење кај матичните лекари“ информира директорката на Клиниката за детски болести, д-р Валентина Цвејоска – Чолаковска.

Додека нашите лекари апелираат за вакцинација, во Србија бројат нови случаи на голема кашлица. Тамошните здравствени власти информираа за четири починати бебиња во Белград. Таму уште од пред еден месец е прогласена епидемија.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Два огнени крака, еден кон Николиќ, другиот кон Ѓопчеле – силен ветар го разгоре пожарот во дојранско

Дејан Дејан

Независните бараат од 20 до 100 потписи за кандидирање во општина

Дејан Дејан

Пратениците му скроија пензија на Народниот правобранител Зибери на половина мандат- власта распиша оглас за нов омбудсман

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе