Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ обвинува дека како се ближи изборниот процес, власта започнала со дополнително партизирање на институциите, притоа кршејќи ги сите правила и прописи за вработување.
Вчера на Комисијата за изборите и именувањата се избираа членови и претседатели на повеќе комисии во Република Македонија за коишто предходно беше распишан оглас и имаше пријавено бројни кандидати.
- Во нормална држава за вакви комисии како што се Комисијата за заштита на конкуренцијата, Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации или пак Комисијата за заштита и спречување на дискриминацијата, очекувано би било да се изберат пред се кандидати кои ги исполнуваат условите пропишани со огалсот но и кандидати кои со своето знаење и експертиза ќе допринесат за подобро и поефективно работење на ваквите комисии, истакна на денешната прес- конференција Дафина Стојаноска, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Според неа за СДСМ и ДУИ не била важна квалификацијата на кандидатите туку „меѓукоалицискиот пазар за вдомување и полнење на комисиите со партиски војници“.
“Беа изгласани кандидати што не исполнуваат еден или повеќе услови во огласите. Во најмала рака за ваквите кандидати што не ги исполнуваат условите пропишани со огласите, не би требало ниту да се расправа, а камоли да бидат избрани и изгласани за членови во комисиите“, рече Стојаноска.