По бурните реакции за поставувањето на 15-метарскиот крст на земјиште на манастирскиот комплекс Свети Наум на Попова Шапка, денес градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, кој ја пушташе во употреба реконструираната улица во викенд населбата, избегна да одговори на новинарските прашања поврзани со оваа тема.
Откако вчера заедно со партиите кои се дел од Европскиот сојуз за промени побара од Македонската православна црква самите да го тргнат крстот, денес одговори само дека критиките кон нив се политички, велејќи дека со урбанистичкиот план ќе се регулираат верските објекти.
Денес имаме подобра причина зошто сме овде, но јас сакам само една порака да испратам, тие што не сакаат да ги видат инвестициите на општина Тетово, тие гледаат причина да ја критикуваат општината, за предмети кои не се во надлежност на општината. Во Урбанистичкиот план се верските објекти црквата и џамијата и се надевам дека ќе се заврши работата и околу легализирањето на верските објекти. Зборувам за црквата и придружните објекти околу православниот верскиот објект и како и џамијата и придружните објекти околу муслиманскиот верски објект, изјави Касами.
Претходно ДУИ побара одговорност од Општина Тетово што го дозволила поставувањето на крстот, што според нив било договор за помошта што ВМРО ѝ ја понуди на Беса на локалните избори.
Советничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ во тетовскиот совет, пак, побараа ова прашање да се затвори и да не се политизира, односно повикаа да не се подгрева поделби меѓу граѓаните.
На Попова Шапка во процес на легализација се 116 дивоградби, факт што го потенцираше и претсетседателот на „Достоинство“ Стојанче Ангелов. Тој реакциите на албанските партии ги оцени како претерани и порача да не се споменува отстранување на крстот.
Да не се поткреваат меѓуетничките тензии, порача претседателот на државата Стево Пендаровски, зашто лошо е како политичка пракса или како обиди на поединци или политички субјекти, на тоа да добиваат поени. Според него нема да биде дестабилизирана државата меѓутоа можат да се влошат меѓуетничките односи и како што рече, тоа е последната работа што ни треба покрај сите други проблеми што ги имаме.
Данијела Билбилоска