Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) одлучи да поднесе иницијатива за кривична одговорност и на сегашниот и на претходниот градоначалник на Радовиш, Ацо Ристов од ВМРО-ДПМНЕ и Герасим Конзулов од СДСМ.
Нури Бајрами од Антикорупциската комисија рече дека на директорот на Јавното претпријатие „Плаваја“ од Радовиш, Дејан Крстев, 12 пати по 6 месеци му бил продолжуван мандатот како в.д. директор, иако законот вели дека в.д. директор може да биде најмногу шест месеци додека да се избере директор. Ниеднаш не бил распишан конкурс за директор. Куриозитет е што в.д. мандатот го продолжувале и претходниот градоначалник од СДСМ и сегашниот од ВМРО-ДПМНЕ. Според Бајрами, ова е упад во правниот систем.
„И еден пат е доволно да е спротивно на законот, но на крајот на мандатот да најдеш именување вршител на должноста 12 пати, да му овозможиш на едно лице, без да се почитува конкуренција, без да се почитува уставно загарантираното право на други лица да можат да конкурираат, да му обезбедиш функционерска плата, да остварува корист лицето и да остварува корист политичкото лице од институцијата, тоа нема како поинаку да се нарече освен корупција“, рече Бајрами на денешната седница на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Поранешниот градоначалник Герасим Конзулов вели дека од руинирано претпријатие како „Плаваја“ направиле пример за функционално јавно претпријатие. Ако поради тоа сакаат да нè апсат, слободно нека нè апсат, вели тој.
„Му продолжував в.д. мандат зашто е многу способен човек, како што ретко се наоѓа. Не можевме да го поставиме за директор, зашто во тоа време имаше само виша школа, а законот бара факултет, ама од него подобар немаше. Ако правничката кажела дека не е законски, немало да го поставуваме“, ни кажа Конзулов во телефонски разговор.
Градоначалникот Ацо Ристов вели дека е на службен пат и најави одговор по враќањето.
Според анализата на Институтот за демократија Социетас цивилис од 2021 година, скоро половина од набљудуваните именувања на директори биле в.д., каде што не се бира од повеќе пријавени кандидати, туку се поставува еден. Употребата на в.д. именување доаѓа пред сè за да се заобиколи процедурата и да се постави посакуваното лице, стои во анализата.
Срѓан Стојанчов