Најголемиот и најозогласениот затвор во земјава во Идризово во моментов е дом на околу 1200 осуденици. Цената за сторените кривични дела ја плаќаат со одземената слобода. Но, Предлог законот за амнестија за некои од нив ќе значи дека животот зад решетки ќе им заврши порано од очекувањата.
Со предлог законот се предвидува намалување на казните за 30 отсто, а оние осудени до 6 месеци нема да одговараат. И додека со измените на Кривичниот законик се спасија функционери, на ред сега се другите осудени за полесни кривични дела.
На неговото усвојување сепак нема да можат да се радуваат сите затвореници, бидејќи за некои од потешките кривичните дела не е предвидена амнестија. Но, најмалку среќни се сепак во Кривичниот суд.
„Мислите дека сме среќни со амнестиите. Воопшто не сме среќни. Сме работеле и работеле и на крај ни викаат амнестија и се што сме сработеле до тогаш паѓа“, рече претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев на брифинг со новинарите на 19.10.
Кој се е на листата на потенцијалните амнестирани?
Од вкупно 2114 затвореници, целосна амнестија ќе добијат 286 од нив, а делумна амнестија 996 затвореници. Најголем дел од нив се токму од затворот во Идризово.
Листата до која дојде КОД е долга, а на неа има и некои интересни имиња кои се уште не и се познати на јавноста како наркобосови, ограбувачи, помагачи во убиства и бегства.
Прв кој повика да не се игра со имиња и емоции на случаи, беше министерот Кренар Лога.
„ЗНАЧИ, ЗАКОНОТ НЕ ВЛЕГУВА ВО КОНКРЕТНИ ПРЕДМЕТИ“, рече Лога на прес-конференција.
Познати имиња на Лога на листата
Но, сепак некои имиња на Лога му се познати како она на стружанецот Члирим Дервиши, кој е во затвор е од почетокот на 2018 година. Тој за три кривични дела за разбојништво е осуден на 15 години и 7 месеци. Зад решетки ќе треба да биде до 2033. Дервиши не само што е од истиот град со министерот Лога, туку потекнуваат од истото село Ливада. Благодарение на Лога ќе има можност порано да излезе од зад решетки.
Извори за Код потврдија дека Лога за време на неодамнешната посета на затворот се сретнал со Дервиши.
Медиуми објавија и дека осудениците Беким Рама, Енсер Сулејмани и Есат Даути кои исто така имаат шанса за амнестија се роднини на членови на Алијансата за Албанците.
На прашањето за блискоста на некои имиња до неговата партија и лично до него, Лога со општ одговор.
„Најверојатно меѓу тие што ќе добијат амнестија се луѓе од сите политички партии, сите вери и раси. Географски со таа бројка треба да има имиња од секој град и село“, изјави Лога за Код.
МВР постојано се фали за сузбивањето на трговијата со дрога, но најголем дел од амнестираните ќе бидат за овие кривични дела.
Наркобосови и блиски до СДСМ
Една од најголемите акции на МВР беше „Планина“ за за сузбивање на трговијата со коакин и таканаречениот клан до Грчец. Седат Бјарами и Сенад Љатифи се наркобосовите кои заедно со уште четворица нивни соработници беа во бегство бидејќи беше пробиена акцијата, но тие подоцна паднаа во рацете на полицијата. Но, остана отворено прашањето дали биле поврзани со вработени во МВР или во други институции.
Бајрами, баран со меѓународна потерница беше фатен и уапсен во Ѓорче Петров. Откако призна вина и се спогоди на 4 години затвор, што е помал од законскиот минимум, наместо во домашен притвор, полицијата го најде во близина на трговскиот центар Беверли Хилс во Скопје веднаш по грабеж на банка.
За дрога, но марихуана беше осуден и возачот на Трајче Заев, братот на поренашниот премиер Зоран Заев. Во акција на МВР и ДЕА беа запленети 200 килограми марихуана во вредност од 800 илјади евра. Александар Ушликовски призна вина и доби 5 години казна. Командирот од Прилеп, Кире Спиркоски Чипсио, беше осуден на 4,5 години затвор. Сега поврзаноста со владејачката СДСМ можеби на крајот ќе им се исплатат.
Ќе се офајдат и учесниците во филмското бегство од Идризово
Ако еден командир беше фатен во трговијата со трога, друг во помагање на бегство на затвореник. Како во сцена која потсетува на „Тетовирање“, Беким Мемети избега од Идризово. Само што го започнаа отслужувањето на казната оние кои му помогнаа на Мемети, се соочија со убави вести. Наместо 3 години, комадирот Срѓан Димитриевски и полицаецот Трајче Ацковски помалку ќе се дружат со ние кои порано ги чуваа, како и нивниот колега кој учествувал во планот и за тоа доби 1 и пол година затвор.
Највеќе реакции во јавноста претходно предизвика тоа што Хаки Азири и Фејзи Азири, осудени за помагање во „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковското езеро би можеле да бидат на слобода. Тие добија 9 и 15 години затвор, а две третини од казните им се поминати.
Проблемот е што на амнестијата не се гледа индивидуално, туку низ призмата на кривичното дело, вели судијката Оља Ристова.
„Сметам дека не треба да се оди групно и по кривично дело, туку треба да се оди за сите кривични дела и индивидуално по затворениците, како тие се однесувале и дали се корегирале во текот на нивното издржување на казна затвор за да можат да подлежат под амнестија“ вели судијката Оља Ристова.
Меѓу среќниците е и бизнисменот Сеад Кочан кој наместо во април наредната година, кога му завршува казната од 4,8 години за случајот „Трансмет“ порано би ја вкусил слободата.
Ист е случајот и со Горан Смилевски, инволвиран во најтешкиот грабеж на пари во историјата на Македонија, кога со неговиот брат во 2017 година украдоа 2,5 милиони евра од Тутунска банка.
Листата е збогатена и со името на дебарчанецот Карлито Бриганде кој се бараше со меѓународна потерница, а го уапси полицијата во Италија од каде планирал да замине и да се бори во редовите на Исламската држава.
Гевгеличанецот Тони Кечев- Манџа уште од малолетен е осуденик. Во далечната 1998 беше осуден на 15 години за убиство на полицаец и случаен минувач. Избега, па беше пронајден во Грција. Во меѓувреме само редеше кривични дела. Тешки кражби на два стана и два маркета, разбојништво во казино и недозволено држење огнено оружје. Неговото богато конто му донесе уште 15 и пол години затвор. Сега и тој ќе може да скрати некоја година.
На неа е и Дритон Ферати кој учествуваше во претрелката во Мала Речица, кога беше убиен жител на Куманово.
Друштво им прави и Ајрула Мемедов, чие име стана познато при сведочењето на Александар Василевски Нинџа за настаните во Собранието на 27 април. Нинџа тврдеше дека Мемедов добил нарачка од Горан Анѓеловски-Ќосето за неговата ликвидација.
Ќе ја исполни ли амнестијата целта?
Главниот мотив за нејзиното донесување, според министерот Лога е пренатрупаноста и лошите услови во затворите. Но, тоа е само мал дел од проблемот. Истите слабости не беа решени ни со амнестијата во 2018 година, а дел од осудениците се вратија зад решетки. Високата стапка на повторување на кривични дела го потврдува и анализата за периодот 2017-2021 година. Всушност постојано се потфрла во целта на амнестијата, а тоа е ресоцијализацијата на осудениците.
На 2 ноември е предвидено пратениците да расправаат за амнестијата. ВМРО-ДПМНЕ најави блокада, а СДСМ амандмани со цел одредени спорни имиња да бидат изземени од амнестија. Над 700 затвореници од Идризово и околу стотина од другите затвори ќе се надеваат и стискаат палци за негово донесување.
Марија Митевска