Амнестијата нема да го реши проблемот со пренатрупаноста на затворите. Околу 300 затвореници треба да излезат, 2800 чекаат да влезат. Наместо од ѓутуре да се ослободуваат осудени криминалци, проблемот подолгорочно може да се реши со поголема употреба на алтернативните мерки за оние осуденици за кои ќе се оцени дека не претставуваат ризик по општеството. Во Македонија годишно се изрекуваат околу 1200 затворски казни. Над половина од нив се до 1 година затвор. Добар дел од овие осудени би можеле да добијат алтернативна осуда како општокорисна работа. Наместо да прават гужва во затворите и државата да ги храни по три пати дневно, може да косат трева или да чистат паркови.
Вториот најголем затвор во земјава после Идризово. Ниту високи ѕидови, нити бодликава жица, ниту затворски чувари.
Само неколку мали канцеларии во државата и 28 службеници во Секторот за пробација. Во моментов се задолжени за 450 осудени на алтернативни мерки.
Затворот или паричните казни не се единствените мерки кои судот може да му ги изрече на некој осуденик. За оние за кои ќе процени дека не претставуваат ризик за општеството и кои може да се поправат, судот има широка лепеза мерки на кои може да ги осуди – домашен затвор, условна осуда под надзор или општокорисна работа.
На пример, судот може да задолжи осуденик да се преквалификува, да се вработи, да му забрани да оди во кафеани, казина или обложувалници, да му забрани да пие и да се дрогира, да го испрати на лекување од зависности, да му нареди да избегнува лошо друштво… Ако не ги почитува овие забрани, тогаш ќе оди во затвор.
Наместо во Идризово, пет години без дрога
Нашиот соговорник е поранешен зависник кој бил уапсен со помала количина дрога. Бил осуден на 5 години условно со заштитен надзор од Секторот за пробација. Среќен е што му била дадена шанса, горд што 5 години не пипнал дрога.
„Разговараме, ми предложија да се вработам, тоа ми успеа, се вработив веднаш. Излегов на прав пат, не правам никакви прекршоци откако почнав да посетувам пробација, на што сум им многу благодарен. Четири-пет години доаѓав овде еднаш неделно, разговаравме за тоа што се ми се случувало во изминатата недела. Јас имав обврска да се лекувам во центар за зависности, прифатив да се лекувам, немам направено ниеден рецидив откако почнав да се лекувам. Болницата мислам дека праќа извештаи во пробацијата, тие соработуваат меѓу себе. Исто така, секоја недела ме тестираа, гледаат дали сум нормален, дали сум оправен. Сè уште ми трае лекувањето, успешно е сега засега“, вели нашиот соговорник.
Тој посочува дека и порано се обидувал да ја остави дрогата, но без помош од стручни лица било невозможно.
„Значи, нејќеш да станеш сабајле да земеш, ама мора да земеш, бидејќи коски болат, како под хипноза. Значи, јас сакав да се тргнам од дрогата и ми успеа, ете. Немам никаков рецидив направено откако почнав да се лекувам“, вели тој.
Нашиот соговорник бил околу два месеци во притвор. Тоа не би му го препорачал на никој нормален, вели тој.
„За тие што се нормални, значи затворот не, не би го препорачал никако. Подобро пробација за тие што може да се оправат. После пет години сигурно немаше да сум овде кај што сум сега, не знам кај ќе бев, ама сигурно немаше да бидам вработен, помагам во сметки плаќање дома, имам семејство, во затвор тоа не би постоело“, вели тој.
Алтернативните казни, а не амнестијата може да ги растовари затворите
Во Македонија во просек се изрекуваат по околу 1200 затворски казни годишно. Повеќе од половина од нив се пониски од една година. Скоро 360 луѓе годишно добиваат затвор пократок од шест месеци. На добар дел од овие осуденици би можеле да им се изречат алтернативни казни. На тој начин може да се реши проблемот со пренатрупаност со затворите.
„Придобивките од пробацијата се што таа нуди индивидуален пристап. Ја зголемува јавната безбедност, безбедноста на заедницата, прави да е поуспешен процесот на ресоцијализација и реинтеграција, придонесува кон намалување на рецидивизмот. Исто така се намалуваат трошоците за државата, се намалува преполнетоста на затворите. Понатаму, алтернативните мерки се извршуваат на слобода, со почитување на личноста и достоинството на осуденото лице, тоа не се етикетира, останува во своето семејство и го задржува вработувањето доколку го имало претходно. Исто така би сакала да напоменам дека во поглавјето 23, во патоказот за владеење на правото, нашата држава мора да покаже заложба за поголема промоција и примена на алтернативните мерки“, вели Дијана Ѓероска, раководител во Секторот за пробација.
Законот дава можност, затворениците, по отслужена половина казна, да го дослужат затворот од дома, под надзор.
Една од најпознатите затворенички во женското одделение на затворот Идризово, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска од почетокот на наредниот месец излегува на условен отпуст. Од 1 ноември, па во наредните 11 месеци до истекот на казната, таа ќе биде во надлежност во секторот за пробација на Управата за извршување на санкции.
Сепак, иако законот нуди ваква можност, ретко кој од осудениците добива повеќе од три месеци предвремен отпуст.
„Кога условните отпусти би траеле подолго, тогаш нашата служба ќе има повеќе можност да влијае врз осуденото лице за процесот на ресоцијализација и реинтеграција да биде што поуспешен“, вели Ѓероска.
Во моментов има околу 450 активни осудени на алтернативни мерки. За нив е задолжен Секторот за пробација во Управата за водење санкции. Досега има отворени 11 пробациски канцеларии низ државата, во кои работат 28 службеници.
Пробациската служба почнува да ги работи првите два случаи во 2017 година, а секоја години бројот на осуденици полека расте. Тие се задолжени за осудените на условна казна под надзор, на општокорисна работа или за оние пуштени од затвор на условен отпуст да ја дослужат казната под надзор. Судот може, во текот на постапката, од нив да побара проценка на ризик за некое лице. Можноста за домашен затвор сè уште не се користи, зашто електронските алки кои треба да ги носат затворениците не се ставени во функција. Надлежните се надеваат дека до крајот на годинава ќе може да се користи и таа можност.
Стотици луѓе годишно осудени на 3-4 месеци затвор
Неколку стотици луѓе годишно се осудуваат на по 3-4 месеци затвор. Многумина правници аргументираат дека за државата е поефикасно овие луѓе да работат некаква општокорисна работа, наместо државата да ги храни и да прават гужва во затворите.
„Секако сметаме дека општокорисната работа е многу подобра алтернатива за разлика од паричната казна или казната затвор. Општокорисна работа значи дека лицата одработуваат од 40 до 240 часа работа без надоместок за доброто на заедницата. Во таа насока нашата служба има успешна соработка со јавни претпријатија, со здравствени установи, каде во зависност од стореното дело и од личноста ги упатуваме да ја извршуваат општокорисната работа“, вели Ѓероска.
Општокорисната работа како казна најмногу се користеше за време на пандемијата, кога стотици луѓе беа осудени за прекршување на мерките за заштита, па наместо да платат казна, работеа општокорисна работа.
Во изминативе шест години се водени повеќе од 1773 пробациски предмети за луѓе кои во спротивно би завршиле во затвор. Тоа е многу повеќе отколку што ќе бидат ослободени со амнестијата.
Срѓан Стојанчов