Вести Македонија Топ вести

Измените на КЗ го потонаа „Таргет“, застаре предметот за најмасовното прислушување, трошоците и оштетата ќе се плаќаат од буџетот

Овие снимки од судењето на „Таргет Тврдина“ се последни со екс шефот на тајната полиција Мијалков на нив. Нему и на уште петмина обивнети од МВР и УВК денеска им беше последниот ден во судница. Судијата ја запре постапката, откако обвинителката Ленче Ристовска, анализирајки го предметот и влијанието на измените на КЗ, објсни дека обвинетите за прислушувањето кои одговараат за злосторничко здружување и за злоупотреба на службената положба од ставот 2 предложи да се примени поблагиот закон.

„Како и во другите два претходни случаи на прислушување и во овој, за жал нема да имаме кривично правна разрешница и повторно нема да има одговорност за незаконското прислушување во државата. Имаме комплетна застареност, што е директна последица на измените на Кривичниот законик“, рече Ленче Ристовска, обвинителка во ОЈО Скопје.

Сите трошоци поврзани со делот од предметот, поврзан со прислушувањето што застаре, паѓаат на товар на државата. Тука спаѓаат адвокатските трошоци, вештачења и сите други трошоци за овие шест години, колку што е трае судењето. Дали Мијалков ќе бара оштета за повеќемесечниот притвор, неговиот адвокат рече дополнително ќе се консултира со него. Според обвинителката Ристовска и оштетата за 100-ците незаконски прислушувани граѓани ќе треба да ја плаќа државата.

„Финансиските импликации што ќе ги предизвика овој предмет врз Буџетот на државата, според обвинителката, не се воопшто занемарливи. Ги вклучуваат и оние трошоци во постапка, ги вклучуваат и како што и веќе еднаш кажав, сите надоместоци што треба да им бидат обезбедени на лицата кои биле незаконски прислушувани за повреда на правата. Впрочем, нивните права биле повредени со незаконското прислушување и сега државата по принципот на објективна одговорност е таа која што треба да ги обесштети овие лица, односно товарот да падне на буџетот на државата и нема да има како државата потоа да биде обесштетена од лицата коишто навистина се одговорни директно за прекршување на правата на граѓаните“, вели Ристовска.

Судењето продолжува за делот од обвинението поврзан со незаконското уништување на опремата за присушување кое почнало по објавувањето на бомбите во 2015 година. Во судница остануваат екс министекрата Јанкуловска, екс началникот во УБК, Тони Јакимовски и Валентина Симоновска а во отсуство им се суди и на двајцата избегани разузнавачи Никола Бошковски и Горан Грујевски кому му застареа делата во „Таргет“, аму останаа во „Тврдина“. Обвнителката рече дека во завршен збор ќе се произнесе за квалификацијата на делата за обвинетите од ставот 5 од делото злоупотреба на службената положба, со образложение дека описот на делата што ги сториле може да се најде и во новите изменети одредби и за нив сè уште нема застарување.

Одбраната има поинакво правно гледање. Смета дека ставот 5 е декриминализиран, но дури и да продолжи судењето по ставот 1, делото е веќе застарено. Според адвокатот Шврговски, недозволиво е да се чека обвинителот во завршен збор да се произнесе за кривичните дела.

„Тоа се коси директно со повреди на Европската конвенција за човекови права, во делот на повреда на правата на обвинетите да и понатаму бидат изложени на кривичен прогон за кривично дело, за кое што во моментот, јавниот обвинител, согласно измените, не смее повеќе да води постапка. Ова го кажуваме бидејќи без предвидена казна во законот, не може да се води кривична постапка. Тоа е познатото „nullum crimen nulla poena sine lege“ начело. Така да, изненадени сме што јавниот обвинител не остана доследен и во делот на повлекување на обвинение и за обвинетите Гордана Јанкуловска и Тони Јакимовски“, изјави Шврговски.

На Мијаков му остана активен во судница уште предметот „Трезор“ за нававката на британската опрема за седење комуникации за кој обвинителството побара, исто така, време за да ги анализира последиците од измените на КЗ.

Елена Ивановска Мукоска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

За „шетање“ затвореници на приватни собири- поднесено обвинение против Филип Андов -Сокол, екс директор на затворот Шутка и 7 затворски чувари и надзорници

Дејан Дејан

Колку ќе го чини МЕПСО раскинувањето на договорот за енергетското поврзување со Албанија?

Дејан Дејан

СДСМ: Владата не знае да се справи со пожарите, ги остави граѓаните сами со огнените стихии

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе