Целта на Предлог законот за амнестија за намалувањето на пренатрупаноста на затворите е оправдана, но на долг рок не е решение, бидејќи нема ресоцијализација на осудените лица. Потребно е изрекување на повеќе алтернативни мерки и на системски решенија за унапредување на казнената политика. Ова се главните заклучоци на учесниците на денешната конференција насловена- Законот за амнестија и процесот на ресоцијализацина и реинтеграција на претходно осудените лица во РСМ во организација на Македонското пенолошко друштво.
Универзитетскиот професор Светомир Шкариќ смета дека и оваа аманестија, како и минатите, е од нужда, не поради рационалност, бидејќи затворите се пренатрупани, а поради сето тоа страда правото.
„Поради немарност на одговорните лица за одржување наа затворските услови мора правото да страда, посебно да страда уставното и кривично право, затоа што со секоја амнестија, посебно со оваа прешироко се навлекува во судската власт. Фактички Собранието преку овој закон игра улога на суд и тоа суди по кратка постапка“, смета Шкариќ.
Државата да овозможи извршување на казните достоинствен начин, а потребно е да се отвори дискусија за предлог законот, бидејќи една е целта на политичарите, а друга на стручната јавност, вели судијката Маргарита Цаца Николовска.
„Дајте да видиме стручно да се дискутира овој проблем а не политички“, вели Цаца Николовска.
Академик Владо Камбовски го дели впечатокот дека капацитетите на затворите, особено Идризово, се слаби и се под меѓународни стандарди.
„Не можете вие човекот да го фрлите во такви услови на лишување од слобода кои се крајно нехумани. Правени се напори низ законодавството, затворот да се употребува само како крајна мерка и да се применуваат се повеќе алтернативни санкции, прво кај претстапници условно кажано на полесни дела, меѓутоа тешко се пробиваат тие иновации во нашата пракса“, вели Камбовски.
За судијката Оља Ристова, предлог законот е краткорочно и акутно решение на проблемот со пренатрупаноста на затворите.
„За овие 5 години наназад од законот кој што беше претходно донесен и беа амнестирани лицата, до денес условите во затворите не беа подобрени, а тоа можеше државата да го направи и во процесот на ресоцализација немавме ништо од страна на државата направено“, додава Ристова.
Предлог законот за амнестија кој е испратен во Собранието ќе се носи по скратена постапка. Со него се предвидува ослободување од казна затвор на осудените на 6 месеци затвор и 30 отсто намалување на казните на останатите осуденици. Од вкупно 2114 затвореници, целосна амнестија ќе добијат 286 од нив, а делумна амнестија 996 затвореници.
Марија Митевска