Вести Македонија

Протест на жители на неколку шарпланински села бараат дозвола за сечење дрвја на приватните имоти

Жители на подшарпланинските села, од Јажинце до Лешок, денес на протест го искажаа своето незадоволство затоа што по прогласувањето на Шар Планина за Национален парк, не можат да сечат дрва на државно земјиште и дека имаат проблеми и при добивање дозволи за на приватно земјиште. Велат дека досега на тој начин се снабдувале со огрев за во зима, а сега треба да купуваат по повисоки цени, што не можат сите да си го дозволат.

„Со години се собирало дрва на планината, од државни сечи и приватни сечи, луѓето се снабдувале со дрва. Еве сега сме 15 октомври, немаат дрва“. – изјави Љубомир Атанасоски, жител на Враница.

„Имам лично предадено за селска сеча, два пати и два пати сме одбиени. Не можеш да купиш дрва 90 евра кубик, а земаш 300 евра плата. Или пензионер зема 12 000 пензија“. –  изјави Илија Јанчески, претседател на месна заедница на село Старо Село

„Јас имам дадено молба веќе 3 месеци, ми барале скиц, имотен лист, се сум однел, но немам одговор, ми рекоа дека ќе дојдат да го видат на лице место“. –  изјави Фадил Сабриу, жител на село Пршовце

„Ако не нека ни донесат парно греење, да се греме. Треба да останеме тука“ – изјави Живко Димитриески, жител на село Рогачево

Според жителите границите на паркот се многу ниски во овој дел, што им создава и други проблеми.

„Имаме ниви, ливади, шума која е во тој национален парк, а ние сме блокирани не можеме ни да пасеме, ни да косиме, ни да ораме, ни да береме дрва “.- изјави Факи Муарем, жител на село Јажинце

„Не е регуларно и сакаме границите да се преместат, до самата црква Света Богородица во Беловиште е Национален парк“.  – изјава Љубиша Младеновиќ, жител на село Беловиште

„Таа карта што ја направиле во Скопје, во моето место поминува низ половина ливада, половина е во Националниот парк, половина во Шумско“. -*изјави Роберт Златевски, жител на село Вратница

Градоначалникот на општина Јегуновце, кој го поддржа протестот, апелираше на што поскоро решение од надлежните институции.

„Да се изнајде решение овие граѓани на овие населени места да обезбедат дрва за престојанта зима, а доколку ова нема да вроди со плод, верувам дека ќе се преземат и други чекори поригорозни, ова ние предупредување, а за наредо месните заедни ќе донесем став што и како да настапиме“.  – изјава Димитар Костадиновски, градоначалник на општина Јегуновце

Од НП Шар Планина велат дека им одговориле на писмата и на месните заедници и на Општината, дека нема планска документација за сеча во државна шума, додека за приватно земјиште доколку имаат комплетни документи да дојдат да поднесат барање.

 Никој, кој со комплетна документација, поднел барање за сеча во сопствен имот, не чекал дозвола повеќе од две недели. Намалени се цените, условите им се максимално овозможени за тие што имаат имот во паркот, во сопствена шума. Во државна шума не можеме да дадеме одобрување за сеча, затоа што сѐ уште немаме Планови за управување со шуми. Ќе се изработуваат следната година и тоа е долга процедура со чешлање на теренот, во насока на заштита на природата. – ЈУНП ШАР ПЛАНИНА

 Шар Планина по неколкудецениско чекање беше прогласена за национален парк во јуни 2021 година.

Данијела Билбилоска

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Топ Тема: ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ разменуваат обвинувања за политиканство и негрижа за настраданите во пожарот во Кочани

Дејан Дејан

Рускиот министер за транспорт пронајден мртов во својот автомобил откако беше разрешен од Путин – се тврди дека извршил самоубиство

Дејан Дејан

Целосно прекинат сообраќајот во двата правци на патниот правец Стенковец – Блаце а затворен и граничниот премин Блаце

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе