Вести Македонија

Зафатеноста со Украина отвори простор за нови конфликти

Војната во Украина го обедини НАТО околу својата основна цел – одбрана од заканите од исток, но од друга страна зафатеноста на западноевропските земји и САД со Украина, создаде вакуум на други места и отвори простор за активирање на замрзнатите конфликти.

Ова беше посочено на дебатата за тоа каква трансатлантска алијанса му е потребна на светот на третиот и последен ден од Белградската безбедносна конференција.

Поради војната во Украина, меѓународната ситуација станува понепредвилива.

 – Го гледате нападот на Хамас и ја гледате фрагилноста и искористувањето на вакуумот. Она што се случува во Нагорно-Карабах, Азербејџан од декември испраќа свои луѓе во Лачинскиот коридор да го подготват ова и тие ја променија ситуацијата на терен, само искористувајќи го вакуумот и искористувајќи го фактот што беше одвлечено вниманието на САД и Европа. Ако имате една тотална војна во Европа, која е центарот на сè, на носењето на одлуките, тогаш локалните играчи тежнеат кон поместување на границите, да видат до каде може да одат, и мислам дека тоа се случува и во северно Косово“, вели Милан Нич од Германскиот совет за надворешни односи.

Рејчел Ризо од Европскиот центар на Атлантскиот совет вели дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, на почетокот на мандатот сакаше да се посвети на Индо-пацифичкиот регион, а Русија да не биле во фокусот на нивната надворешна политика, но војната во Украина го поремети тој план. Сепак, и покрај тоа, САД имаат јасна цел да го заживеат американското производство за да може да ѝ биде конкурентно на Кина.

„Мислам дека Европа треба многу појасно да гледа каде ќе биде насочен американскиот стратешки фокус во претстојните години, можеби во наредните четири години. Не сакам да ја нагласувам пораката дека Европа треба да преземе поголема одговорност, мислам дека го кажуваме тоа пречесто, но мислам дека е точно“, вели Рејчел Ризо од Европскиот центар на Атлантскиот совет.

Конференцијата во организација на Белградскиот центар за безбедносна политика годинава има околу 500 учесници и 80 говорници. На најголемата конференција за надворешна политика и безбедност на високо ниво на Западниот Балкан учествуваат влијателни европски и регионални политичари, дипломати и експерти.

Од Белград се јавува Срѓан Стојанчов

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мотоциклистот кој смртно го прегази пешакот Николовски однесен во Шутка – судот му определи затворски наместо домашен притвор

Дејан Дејан

Се е поскапено, инфлацијата повторно скокна, мерки засега во најава

Дејан Дејан

Ќе расправа ли Собранието за интерпелација на претседателот на Уставен – „виси“ точката на Дневен ред

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе