Не сакаме ништо да им оставиме на терористите, велат ерменските жители на селото Калбајар во областа Нагорно Карабах. Два дена гледаат како огнот им ги голта семејните куќи. Самите ги палат, го горат и околниот имот, ги вадат животните од шталите пред да го напуштат селото во кое живеат со години. Не сакаат да остават ништо зад себе , бидејќи од утре овој дел му припаѓа на Азербејџан. Според мировниот договор, Азербејџан ќе врати голем дел од енклавата која беше под ерменска контрола од почетокот на 1990-тите години.
Ерменците од Нагорно Карабах велат дека чекале нешто да се среди, но кога виделе дека се демонтира хидро-централа сфатиле што се случува. Успеале и да ги преместат гробовите на своите родители, зашто велат дека Азербејџанците со задоволство ќе ги осквернават. Имаат време да заминат за Ерменија до полноќ, но каде ќе живеат и самите не знаат.
Сега сме бездомници, не знаеме каде да одиме и каде да живееме. Многу е тешко. Сега децата се во Ерменија и плачат..сакаат да се вратат дома..Каква тага…
На крај ќе ставам експлозив или ќе ја запалам, за да не им оставам ништо на муслиманите. Живееме тука 21 година и сега треба да си одиме…Зошто Путин не напушти ?
Путин знае дека сега следува хуманитарна катастрофа во регионот, каде во осумнеделните борби загинаа над 4 илјади цивили, а повредени беа над осум илјади. Русија ќе помага, најавува Путин.
За да им се помогне на жителите во регионот да се решат нивните тешки проблеми мислам дека треба да се направи внатрешно-агенциски центар за хуманитарен одговор. Центарот ќе го надгледува и процесот на враќање на бегалците до нивните постојани домови и ќе координираат со владините тела на Азербејџан и Ерменија за да се реставрира цивилната инфраструктура и да се врати нормалниот живот во Нагорно Карабах, вели Путин.
Денеска во Нагорно Карабах пристигнаа и руските 20 авиони со 170 мировници. Ерменците не го прифаќаат мировниот договор, а протестите пред резиденцијата на премиерот стануваат се помасовни. Се бара оставка од Никол Пашинјан. Тој пак во синоќешното интервју објасни дека немал време за размислување, морал брзо да делува и да го потпише мировниот договор. Пресуден бил падот на градот Шуши. Тогаш, Еремнија сфатила дека војната во Нагорно Карабах веќе го загуби значењето.
Голем дел од Нагорно Карабах, кој Ерменците го сметаа за свој, со догворот сега мора да го предадат, според мировниците. За нив, пукотниците можеби повеќе не се слушаат, но не е доволно за да го донесе мирот. Велат дека за мирот е потребна правда.
Алиса Шутиноска