Три екипи на противпожарната служба на Кочани се упатени кон селото Соколарци во Општина Чешиново-Облешево каде во моментов има пожар со зафатнина од 50 хектари, информираат од Центарот за управување со кризи.
- Повикани се и екипи на Доброволното противпожарно друштво Кочани, а огнот се движи во правец на селото Рајчице, во дел на непристапен широк шумски појас, велат од ЦУК.
Пожар зафатил над 50 хектари ниска шума, грмушки и трева во близина на манастирот Св. Ѓорѓија кај селото Соколарци. Поради опасност да се доближи кон село Рајчице, како и опасност да зафати густа шума на терен се упатени противпожарни единици, но и се подготвува гасење со трите ер-трактори на Дирекцијата за заштита и спасување и еден хеликоптер на МВР, информираат од Центарот за управување со кризи.
Неколкумина граѓани алармирале за опасноста од ширење на пожарот со јавување на единствениот повикувачки број за итни повици 112.