Обединета национална платформа на Албанците е најновата идеја во купот што исплива на површина откако знамето на „Голема Албанија„ се развеа во Тетово, а државните симболи беа игнорирани иако на настанот беше и косовскиот премиер. Вчера од Алтернатива изјавија дека не постои Албанец што ќе ја испее македонската химна и бараа промена на државните симболи, но од БЕСА денеска отидоа и чекор подалеку.
Партиите од албанскиот политички блок не само што не се оградија, туку отворено најавуваат дека непочитувањето и понатаму ќе се случува. Неизвесно е и дали воопшто некој ќе понесе одговорност за игнорирањето на државните симболи.
Четири дена по настаните во Чаир и Тетово, тетовската полиција се` уште го бара лицето кое го вееше контроверзното знаме. Ниту повикот на претседателот Пендаровски за санкционирање на градоначалниците на Чаир и на Тетово, не ги помрдна институциите. Обвинителството чека кривична пријава за да преземе нешто.
Курти вчера се огради од случувањата, велејќи дека Македонија ја смета за сојузник, а средбите во Чаир и Тетово не биле насочени кон никого. Но, од БЕСА денеска појаснија дека неговата идеја за засилена меѓусоседска соработка меѓу Македонија,Бугарија, Албанија и Косово има единствена цел-борба против многу големото, според нив, српско, односно руско влијание на Балканот.
Албанските аналитичари толкуваат дека целта на Курти е да го прошири своето влијание меѓу Албанците во регионот. Според нив, тој се обидува да направи идеолошка коалиција, надвор од државниот протокол, но само создава кризи во односите со соседите, експлоатирајќи ја албанската заедница.
Далиборка Демјанска