Војниците на КФОР и косовската полиција на северот на Косово утрово поставија блокади на патиштата во град Звечан додека се зголемуваат тензиите по преземање на полицијата врз општинските згради во четирите градови со српско население.
Од денеска е прекината наставата во сите основни и средни училишта, како и во градинките. Ваква одлука е донесена на состанокот на директорите на училиштата на северот на Косово. Родителите добија порака со содржина дека наставата се одложува додека косовската полиција во полна воена опрема не се повлече од северот.
Наставата беше прекината поради насилниот упад на припадниците на косовската полиција и специјалните сили и окупацијата на општинските згради во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток.
Заменети се вратите на општинските згради, како и видео надзорот.
Во Звечан средното училиште се наоѓа веднаш до зградата на општината, а околу него се распоредени и косовски специјалци.
Повеќе од десетина лица беа повредени во петокот по насилниот упад на косовската полиција во општинските згради на северот на Косово. Косовската полиција фрли шок-бомби и солзавец кон неворужениот народ.