Продолжува амандманската расправа по ребалансот на Буџетот. Според информациите објавени на веб-страницата на законодавниот дом, седницата треба да почне во 12:30 часот.
На седницата на Комисијата вчера, пратеничките групи на СДСМ и коалицијата ВРЕДИ ги повлекоа поднесените амндмани по ребалансот на Буџетот, така што од над 200 поднесени амандмани, остануваат уште 30.
Повлекувањето на преостанатите 142 поднесени амандмани на СДСМ на седницата го соопшти координаторот на пратеничката група Оливер Спасовски, кој најави дека ќе поднесат два нови комисиски амандмани насочени кон справување со последиците од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани и тековните пожари низ државата.
Со ребалансот се врши реалокација на средства меѓу буџетските корисници, се дообезбедуваат средства за исплата на плати, пред се во Министерството за внатрешни работи, каде е обезбеден раст на платите на вработените од 10 проценти, а обезбедени се дополнителни средства и за исплата на зголемени пензии и дополнителни околу 300 милиони денари за капитални расходи.
Вкупните приходи со ребаланост се проектирани на ниво од 362,4 милијарди денари, а расходите на износ од 403,7 милијарди денари, по еден процент (околу 3,5 милијарди денари) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за годинава. Проекцијата за БДП останува 3,7 проценти, а инфлацијата е проектирана на ниво од 2,8 проценти. Буџетскиот дефицит останува непроменет и во апсолутен износ и како процент од БДП, односно 41,3 милијарди денари или 4 проценти од БДП. Капиталните расходи, пак, на износ од 47,5 милијарди денари. Државниот долг на крајот на 2025 година, според проекциите на Владата, ќе изнесува 53,3 проценти од БДП, а јавниот долг се очекува да биде на нивото од 62,1 процент.