Осум деца и две жени се меѓу убиените во израелскиот напад во близина на медицински пункт во централна Газа, потврдија болнички извори.
Во нападот на израелските одбранбени сили биле елиминирани луѓето кои во ред чекале за помош во храна во градот Деир ал-Балах.
На вознемирувачки слики од болницата се гледаат безживотните тела на неколку деца и други жртви, додека лекарите се обидуваат да им помогнат на неколку повредени.
Израелската армија кусо соопшти дека војниците таргетирале терорист на Хамас во регионот и дека многу им е жал за евентуалните невини жртви. Истовремено, за овој инцидент ќе била спроведена истрага.
Покрај овој инцидент, уште 26 други лица биле убиени во израелските напади на други локации во Газа во текот на денот, додека претставниците на Израел и Хамас продолжуваат со преговорите со помош на посредници за нов прекин на огнот и ослободување на заложниците во Доха.
И покрај оптимизмот на САД, кои се една од државите кои посредуваат, заедно со Катар и Египет, засега се уште нема прогрес во преговорите.
Според израелските претставници, ќе бидат потребни помеѓу една или две недели за да биде постигнат договор. Еврејската држава тврди дека доколку биде постигнат договор за 60 дневен прекин на насилствата, Израел ќе го искористи тоа време за да биде остварен постојан крај на војната, за што Хамас ќе мора да се согласи на разоружување. Ако тие одбијат тоа да го направат, Израел ќе продолжи со воените операции.
Претходно Хамас соопшти дека разговорите биле тешки, пред се заради израелската тврдоглавост.
Израелската армија започна офанзива во Газа како одговор на нападот предводен од Хамас во јужен Израел на 7 – ми октомври 2023-тата година, во кој беа убиени 1200 луѓе а 251 беа земени во заложништво.
Во израелските воени операции оттогаш беа убиени 57 680 лица, од кои барем половина се жени и деца.
Најголем дел од населението во Газа повеќекратно беа принудени да ги напуштат своите домови.
Над 90 проценти од домовите во Газа се оштетени или уништени; здравствениот и санитарниот систем се нефункционални, како и снабдувањето со вода. Има и огромен недостаток на храна, гориво, лекови и засолништа.