Вести Свет

Се очекуваат и до 10 милијарди евра – Европа најави Фонд за обнова на Украина, Зеленски бара „Маршалов план“

Европските лидери почнуваат Фонд за обнова на Украина, украинскиот претседател бара „Маршалов план“. Иницијатори на Фондот се Италија, Германија, Франција и Полска. Почетниот капитал на Фондот е 220 милиони евра, со цел да се обезбедат половина милијарда до 2026 година. Италијанската премиерка Џорџа Мелони, која е домаќин на четвртата годипна конференција за обнова на Украина, порача дека заедничка европска цел е слободна и обновена Украина, дека рускиот план за покорување на земјата е пропаднат и ги повика бизнисмените и големите акционери да инвестираат во земјата која е разурната од три и пол годишната војна.

„И пораката што сакаме да ја испратиме денеска на претприемачите е едноставна: Не плашете се да инвестирате, да градите, да ја обновувате Украина, бидејќи инвестирањето во обновата на Украина не е коцкање. Наместо тоа, тоа е инвестиција во нација која покажа поголема отпорност од која било друга, но е инвестиција и во мирот, во економскиот раст на цела Европа, во безбедноста на нашите граѓани“, порача Џорџа Мелони, премиерка на Италија.

Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, која го преживеа гласањето за недоверба во Европскиот парламент, најави вкупно 2,3 милијарди евра поддршка за официјален Киев за обнова од руската инвазија. Таа очекува преку Инвестициската рамка да се мобилизира и до 10 милијарди евра за вложувања во украинската енергетика, транспортот, критичните суровини и индустријата за двојна намена.

Можам да објавам исплата од една милијарда евра за макрофинансиска поддршка, драг Володимир. Исто така, можам да објавам исплата од повеќе од три милијарди евра за украинската инфраструктура. И овие гаранции и грантови што ги потпишуваме денеска тука, вие го кажавте тоа Џорџа (Мелони) и го кажавте тоа Володимир (Зеленски), се извонредни. Тие треба да ослободат 10 милијарди евра инвестиции за раст, закрепнување и реконструкција на Украина“, изјави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц, пак, ја повтори поддршката за Украина за членство во Европската Унија и побара од Словачка да не го кочи 18-от пакет санкции за Русија.

„Да бидеме сосема јасни во врска со ова, ние целосно ја поддржуваме Украина на нејзиниот пат кон членство во ЕУ. Го подготвуваме пакетот број 18 во рамки на ЕУ за санкции против Русија. Недостасува само една земја-членка за да се согласи за тоа. Итно барам од Словачка и нејзиниот премиер да се откажат од отпорот и да го расчистат патот за пакетот број 18 во рамките на ЕУ“, нагласи германскиот канцелар Фридрих Мерц.

Украинскиот претседател Зеленски во обраќањето повика на силна потреба за план за обнова и закрепнување на неговата земја, сличен на Маршаловиот пред неколку децении за обнова на Европа. Тој ги повика земјите, лидерите и компаниите да се здружат во Коалиција за обнова на Украина.

Ве молам да ја поддржите Коалицијата за закрепнување и да помогнете во дефинирање на специфични механизми за финансирање. Мора јасно да се согласиме дека замрзнатите руски средства треба да бидат наменети за обнова на Украина“, рече Володимир Зеленски, претседател на Украина.

И додека трае римската Конференција за обнова на Украина, Киев ноќеска беше мета на вториот по обем руски воздушен удар во изминатите седум дена, еден од најголемите од почетокот на руската инвазија во февруари во 2022 година. Над 400 беспилотни летала и 18 балистички ракети беа лансирани кон мети во украинската престолнина, но и во градови во близина на линијата на фронтот. Најмалку две лица загинаа, а 16 се повредени во најновиот бран на руски напади.

Зуењето на дроновите и силни експлозии во Киев почнаа да се слушаат по еден часот по полноќ и траеја, речиси, цел час без пауза. Се огласија сирените, дејствуваше противвоздушната одбрана, а граѓаните се упатија кон засолништа и метро станици, каде ја минаа ноќта.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Манчевски започнува да го снима новиот филм „Збогум Копакабано“

Дејан Дејан

Официјална Бугарија не се извинува туку бара извинување од Мицкоски

Дејан Дејан

Крвава пресметка на битолскиот пазар заради местоположба на тезгите – 42-годишник од зад грб се обиде да убие тезгаџија со нож

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе