Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција во одговор на новинарско прашање упати остра критика до актуелната Влада поради неспособноста за справување со пожарите, посочувајќи дека институциите ниту превентивно дејствуваат, ниту соодветно реагираат.
- „Мислам дека не се справуваат никако. Еве, навлегуваат во некои тези дека станува збор за смислена акција за подметнување на пожари, што укажува на тоа дека двојно не се спремни, ниту во системот на откривање на намерни подметнувања на пожарите, ниту пак во справувањето со пожарите,“ истакна Филипче.
Тој потсети на серијата пожари кои избувнаа во различни делови од државата како во Дојран, Крива Паланка, Чучер Сандево и на неуспехот на Владата да ја контролира ситуацијата на терен.
- „Видовме промоција на возила за борба со пожарите, но не гледаме дека се во функција. Сето тоа укажува дека Владата има за цел да ги прикаже работите многу подобри од тоа што вистински се како и нивните капацитети и желбата да се справат со проблемите“, рече тој.
Филипче ја отфрли тезата на ВМРО-ДПМНЕ дека СДСМ кризата ја користи за политички поени и нагласи дека како опозиција партијата секогаш дава конструктивна критика, но нуди и конкретни решенија за надминување на ситуацијата.
- „Ниту еден поединец од СДСМ, градоначалник или поединец, нема намера да се сити со некаква криза. Да потсетам на нивните прес-конференции за пожарите додека бевме ние на власт. Ние тогаш бевме на терен и со луѓето помагавме. Лани за време на нивното владеење изгоре поголема површина од државата отколку за 10 години. Ова е доказ е дека не се справуваат добро“, потсети Филипче.
Претседателот на СДСМ најави дека пратеничката група во Собранието ќе ги повлече сите амандмани на ребалансот на Буџетот, со цел средствата да бидат пренаменети за поддршка на системот за справување со пожари.
„Ги повлекуваме сите амандмани денеска за сите средства да бидат насочени кон надградба на овие системи – за ЦУК, за ДЗС, сè што треба да се направи за да се помогне на тие институции, за да не доаѓаме понатаму во ситуации кога немаме капацитети и не сме спремни“, посочи Филипче.
Тој нагласи дека ова е моментот кога и другите партии, особено ВМРО-ДПМНЕ, треба да покажат зрелост и да се вклучат конструктивно во надградбата на системот за заштита и спасување.
ВМРО – ДПМНЕ: СДСМ и Филипче велат дека Мицкоски не се справил со пожарите, а нивниот градоначалник јавно му се заблагодарува
- Сашко Митовски, за вчерашниот пожар во Крива Паланка, искажа јавна благодарност до надлежните институции, но и до претседателот Мицкоски за навремената реакција и поддршка. Филипче треба да е свесен дека пожарите се гаснат со добра координација, работа на надлежните институции и план. Зошто Филипче, како и неговиот колега од Крива Паланка, не ја поздрави навремената реакција на институциите и заштита на поголема катастрофа? Филипче единствено што знае е да критикува без аргументи. Да ги потсетиме граѓаните, дека кога тој беше дел од власта, заедно со Зоран Заев кога Македонија беше во пламен, тие беа на грчките плажи, реагираат од ВМРО – ДПМНЕ.
Додаваат дека тој и СДСМ немаат кредибилитет да зборуваа за пожарите, бидејќи 7 години не им текна да обезбедат ЕДНО возило за борба против огнените стихии.