Бришењето на македонскиот идентитет и јазик од Изваштајот за Македонија во Европскиот парламент, не е закана за признавањето на јазикот и идентитетот од страна на Европската унија, но е пораз за владината дипломатија. Ова е ставот на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, според кого јазикот и идентитетот никогаш не биле загрозени и јасно се дефинирани и заштитени, но и гарантирани со Преговарачката рамка со ЕУ.
- „Вадењето на јазикот од Извештајот е пораз на владината дипломатија, која не успеа да подобри ништо од позициите кои ги налседи, туку едноставно, како со булдожер, ги урна. Тие ги урнаа нашите европски перспективи и го изложија нашиот народ на потсмев, правејќи го целосен губитник“, изјави Филипче.
Според Филипче актуелната влада идентитетските теми ги користи за политичка кампања, подгревање, гнев и манипулација со граѓаните, без да е свесна каква штета се прави на државта со тоа. Тој притоа порача дека СДСМ е отворена за соработка со власта за утврдување на националните интереси и како тие да се бранат.
Тој смета дека повлекување на Македонија од Договорот за добрососедство со Бугарија не е решение на проблемот со Бугарија, туку дека решението е смиреност и силна дипломатија.
За опозициската ДУИ, Извештајот на европратеникот, Томас Вајц, претставува алармантно обвинение за насоката во која се движи земјата под раководство на актуелната власт, односно, како што наведуваат евроинтегративците, дека државата се престорува во експериментален терен за најдеструктивните антизападни влијанија на континентот, цитирајќи го притоа извештајот за кинескотот и руското влијание во земјава, посредувани од Унгарија и од Србија.
- „Наместо сериозен одговор, оваа Влада молчи. Наместо да го брани институционалниот суверенитет и западната ориентација на државата, таа дозволува Северна Македонија да тоне во изолација и инструментализација. Ова е резултатот кога власта им се предава на туѓи агенди, додека се занемаруваат најважните партнери на државата – Европската Унија и НАТО“, стои во реакцијата на ДУИ.
Од партијата притоа алармираат дека патот кој го следи владата е пат на изолација, институционално заробување и поткопување на демократскиот поредок.
Со реакција на бришењето на јазикот и идентиетот од Извештајот за Македонија се огласи и партија ЗНАМ, дел од владината коалиција, од каде сметаат дека Европа треба да биде простор на вредности, не на уцени.
- „Македонија поминува низ повторена историја и ако не се спротивставиме и ако не поставиме јасна, достоинствена, државна позиција, тогаш ќе станеме народ што не учи на својата жртва“, изјави Димитриевски.
Според него, ако ЕУ дозволи еден нејзин член, како што е Бугарија, да ги користи преговорите како средство за историски реваншизам, тогаш таа дозволува Унија во која слабите се жртви, а силните го прекројуваат идентитетот на соседот. Димитриевски притоа повика на национално обединување и потпишување на заедничка платформа и декларација на сите политички субјекти во Македонија, кои ќе покажат единство.
Тамара Грнчароска