Од 20 до 100 потписи за кандидирање во општина, а за Скопје 200 потписи за независна кандидатура за градоначалник или за листа на локалните избори, бараат девет независни групи кои во моментот или се дел од општинските совети или учествувале во изборни циклуси.
На еден месец до распишување на локалните избори, независните листи бараат што побрзо изгласување на изборниот законик, за да може и непартиски кандидати да учествуваат на локалните избори. Независните листи бараат итна имплементација на одлуката на Уставниот суд, кој ги избриша претходните максималистички барања за број на потписи за независни кандидати на изборите, но парламентарните партии повторно предложија слични или полоши решенија за независните.
Барањата се независните кандидати да треба да соберат меѓу 20 и 100 потписи за општински избори и двесте за кандидирање во градот Скопје. Бројките се предложени според европска пракса и во согласност со одлуката на уставниот суд.
Независните листи бараат потписи да се собираат во рок од 30 дена, да може да се собираат и надвор од канцелариите на државната изборна комисија, а потписите да се даваат на целосни листи. Деветте независни листи бараат и еднаквост со партиите во делбата на парите за изборна кампања и во ждребката за изгледот на гласачките ливчиња.