Возилата на македонската интервентна пожарна се правени со поддршка на општествено-одговорни компании, без владата да учествува со сопствени средства. Мислам во пренамената, возилата се на државата, на полицијата и на армијата, рече Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување, во вечерашната „Топ тема“ на ТВ Телма.
„Ова име што е ставено, му се видело убаво некому. Но, законите во државата се јасни. Во овој момент во државата постојат Републички сили за заштита и спасување или тим за заштита и спасување кои што се составениод тим за брз одговор. Во овој момент, најслично име што ќе го носи оваа единица е специјален тим за брз одговор. Сега работиме на прилагодување на одредбите, но и тоа бара време. Не заборавајте дека еден и пол месец сум директор. Направив 100 промени за овој месец и пол“, истакна Ангелов.
Моја цел е, продолжи Ангелов, да се формира една специјална единица за заштита и спасување за која, како што рече, е цврсто решен да ја направи.
„Во суштина, како што во војската имаме резервисти, па професионалци, па специјалци. Така е и во полицијата, резервен состав, професионални полицајци и специјалци кои што се најдобри. Ние имаме резервен состав на овие противпожарни сили, ако можам да кажам, тоа се доброволните противпожарни друштва кои што имаат извонредни припадници, но тие не се професионални пожарникари. Се ангажираат претежно летно време за гаснење на исклучиво шумски пожари и пожари на отворен простор. Но, не гледам причина овие луѓе да бидат ангажирани за гаснење на урбани пожари, со мала дообука, иако според мене не им е потребна“, вели Ангелов.