Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
Од ЗНМ, го осудуваат обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување.
Од ЗНМ потсетуваат дека член 16 од Уставот на Република Северна Македонија гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања, велат, постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
Од ЗНМ ги повикуваат новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваат дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес.
Реакцијата на ЗНМ доаѓа откако денеска повикувајќи се на проценки на здравствените работници, Министерството за здравство повика да не се снимаат или фотографираат луѓето кои се на рехабилитација по пожарот во Кочани.
Министерството за здравство бара и да не се земаат изјави во пишан, видео или аудио формат од истите луѓе за време на рехабилитацијата…
Секое нарушување на нивната приватност или инвазивен медиумски пристап може да предизвика дополнителни трауми и да го отежни процесот на нивното рехабилитирање, пишува во соопштението на Министерството за здравство.
Во него се бара и да не се нарушуваат процесите на рехабилитација кои се спроведуваат во Пониква и болницата во Кочани.