Денеска во главниот град на Катар, Доха, започнуваат нова рунда индиректни преговори меѓу израелска и делегација на Хамас, со посредство на Катар, Египет и САД. Разговорите се насочени кон постигнување договор за 60-дневен прекин на огнот, ослободување на израелски заложници и палестински затвореници, како и значителни испораки на хуманитарна помош во Појасот Газа.
И покрај тоа што Хамас во петокот го прифати предлогот од посредниците, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека барањата на палестинската страна се „неприфатливи“.
Сепак, нареди формирање делегација која ќе замине за Катар, додека тој патува за Вашингтон на средби со американски функционери. Критичарите го обвинуваат Нетанјаху за одолговлекување од внатрешнополитички причини, иако меѓународниот притисок за прекин на огнот е сè поголем.
Меѓувреме, Израел продолжува со воздушни напади врз Газа, каде што според локалните здравствени власти, во последните 24 часа се убиени над 70 лица.
Семејствата на заложниците протестираат, барајќи итен договор, додека јавноста поставува прашања за приоритетите на владата. Хуманитарната криза на терен е драматична, а надежите за траен мир и натаму остануваат неизвесни.