Хуманитарната иницијатива „Супорт Кочани“ ја исплати фактурата за втората пратка компресивна облека во износ од 283.802 денари. Во оваа пратка се вклучени 43 специјално изработени парчиња облека по мерка за 17 лица кои се соочуваат со здравствени предизвици.
Според планот, облеката ќе пристигне во Македонија во понеделник навечер и веќе во вторник ќе биде доставена до Општата болница во Кочани.
Со оваа исплата, вкупниот износ што го покрива „Супорт Кочани“ за компресивна облека досега изнесува 1.207.260 денари, односно 23.560,37 евра.
Секоја набавка претставува директна поддршка за пациентите на кои оваа облека им е неопходна во процесот на рехабилитација и подобрување на квалитетот на животот.
Благодарност до сите што донираат – секоја донација, секое споделување на информација и секој чин на солидарност прави вистинска разлика. Во време на болка, човечноста и заедништвото се најсилниот лек. „Никој нема да биде сам“ – затоа што делата зборуваат погласно од зборовите, велат од „Супорт Кочани“.