Попладнево изби пожар на патот кон граничниот премин Блаце, каде што гори сува трева, а огнот се движи кон блиската шума, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
На терен се присутни екипи на Противпожарната бригада на Град Скопје, припадници на полицијата, како и претставници од општината Чучер Сандево и јавното претпријатие „Караџица“.
Според ЦУК, до 13 часот денеска се евидентирани четири активни пожари на отворен простор и еден локализиран. Меѓу нив е и пожарот кај селото Бешиште во Прилеп, каде што гори мешана шума, како и пожарот кај прилепските гробишта.
Во општина Македонски Брод, кај село Црешнево, гори деградирана дабова шума, а во Чашка, под Солунска Глава, има шумски пожар со чад, но без активен пламен.
Пожарот што избувна на депонијата во Делчево е ставен под контрола и прогласен за локализиран.
Надлежните служби апелираат до граѓаните да внимаваат и да не предизвикуваат пожари, особено во услови на високи температури и суво време.