Пензионерите да го добијат само законското зголемување, овој пат да го нема линеарното покачување, ова е препораката на дел од експертите. Предупредуваат дека со растот на платите и примањата на највозрасните, може дополнително да се подгрее инфлацијата, која според новите прогнози се очекува да биде повисока, но и да се продлабочи дупката во ПИОМ каде постојано се зголемува дотурот на пари.
Со новото прекројување, од државната каса таму ќе се префрлат плус 40 милиони евра. Анализите покажуваат дека трошокот за пензии за една година се зголемил за речиси 17 отсто и затоа сега со корекцијата на овие примања експертите сметаат дека треба многу да се внимава.
Да растот на пензиите кое што отстапува од законското решение ние во повеќе наврати реагиравме дека, секое такво отстапување има два ризици. Тоа значи дека буџетскиот дефицит нема да се намалува со темпо кое се очекува , нема бргу да стигнеме до оние 3 проценти од БДП, авториот ризик е ризикот од стабилноста на пензискиот систем и дефицитот кој што таму ќе се креира во пензискиот систем кој се надополнува преку вкупнит буџет. Апсолутно треба да се задржиме само на усогласувањата кои што се законска основа, вели Благица Петрески – Фајнанс Тинк
Проектираниот раст пак на даночните приходи е амбициозен, а од друга страна нема надолна корекција на дефицитот односно на минусот во касата.
Тоа е едно амбициозно и оптимистичко ниво, земајќи ја предвид стапката на раст на економијата и стапката на инфлација, додава Петрески.
Дали ќе се реализира проектираниот раст на економија од 3, 7 отсто најмногу ќе зависи од тоа дали ќе се реализираат зацртаните проекти. Прогнозите пак на институтот Фајнан тинк е дека тој ќе изнесува 3, 5 отсто.
Инаку, со ребалансот на буџетот меѓу оние кои ќе добијат повеќе пари за плати од државната каса се кабинетот на претседателот на државата, Агенцијата за разузнавање, Службата за општи заеднички работи на Влада. Повеќе пари за плати ќе има и за судската власт, за МВР но таму ќе се вработат уште 160 лица. Со ребалансот државата освен што планира да собере повеќе пари, очекува и повеќе да потроши. Задолжувањата дома и во странство ќе продолжат но уверувањата се дека јавниот долг нема да надмине 62 отсто од БДП.
Расправата за предлог ребалансот на буџетот во Собранието почнува утре.
Ирена Чачкова