Пофалени, но и потсетени од ЕК што се треба да довршат од тоа што го ветија со реформските агенди, земјите од Западниот Балкан, во јули ќе ја чекаат исплатата за досега сработеното од Планот за раст.
Од Самитот во Скопје ЕУ ја повтори пораката до Македонија – уставни измени па старт на преговорите без дополнителни политички услови. За ова, но и за другите пораки и очекувања испорачани на денешниот Самит Западен Балкан – ЕУ, во Топ Тема дебатираа Малинка Ристевска Јорданова, експерт за ЕУ и Димитар Николовски, извршен директор на Евротинк.
Според Ристевска пораките од ЕУ се повторуваат повеќе години.
„Ова е една чудна порака, навикнати сме да ја слушаме, но прашањето е каде лежи вистинскиот проблем. Она што важеше во научната мисла за проширувањето досега беше дека политичките елити треба да имаат видлива и достижна цел, а тоа беше членството во ЕУ, тоа се изгуби кај Западниот Балкан“ изјави Ристевска.
Ристевска смета дека еден од клучните проблеми кај сите држави од Западниот Балкан е недостатокот од транспарентност.
„Нема држава од регионот која редовно известува за реализација на планот.Не мислам дека треба да се тешиме, напротив, внатре ние треба да бидеме критични. Ако ова Владата го усвоила требала да биде и свесна што усвоила. Се работи пред се за политичка одговорност. Од друга страна треба некои проблеми кои се веќе структурни, да им погледнеме во очи, и да не настапуваме преамбицизно за системот за креирање на политики“ рече Ристевска.
Таа додаде дека повикувањето на европски вредности веќе станува иритантно, но и дека еврокомесарката Кос во многу наврати била контрадикторна во нејзините изјави.
„Ако ЕУ збореше за вредности тоа е апсолутно надвор, и тогаш не требаше да ги става внатре. Тука имаме една контрадикторност и оттаму ова повикување на европски вредности веќе станува иритантно. Еве во резолуцијата прво ви велат „Сменете го Уставот“, а потоа ви велат „Билатералните спорови надвор“. Значи контрадикторно е“ вели експертот за ЕУ Ристевска.