Германскиот производител Каламатос Фуд ГмбХ (Kalamatos Food GmbH) го повлече производот „Црна маслинка без семки со лук“ поради можно присуство на опасната бактерија листерија која може да предизвика сериозна инфекција, вклучително сепса и менингитис.
Маслинките се продавале во познатите синџири маркети Реве (Rewe) и Едека (Edeka) во повеќе сојузни германски покраини.
Бактеријата листерија е откриена при интерна контрола. Иако листериозата е ретка, може да предизвика сериозни последици по здравјето, пред сè кај повозрасните луѓе, трудниците и пациентите со слаб имунитет. Симптомите се покачена температура, болки во мускулите, повраќање и диареа, а во потешките случаи и менингитис и сепса.
Компанијата се извини на потрошувачите и порача дека се преземени мерки за спречување на слични инциденти во иднина.