Од денеска започнува психолошката поддршка за првата група од 45 повредени во пожарот во кочанската дискотека кои се наоѓаат на рехабилитација во одморалиштето Пониква на Осоговските Планини, вели во телефонски разговор за Телма, директорката на кочанската Општа болница, Катерина Паниќ Мирчовска. Според неа, терапијата ќе се спроведува групно, но и поединечно.
„Имаат групна терапија за почеток. И ќе има психолог, кој што е присутен, во договор со Комората на психолози и со Клиниката за психијатрија. Ќе имаме и психолог, кој што ќе биде вклучен со ненаметливо присуство за сите тие што сакаат индивидуална терапија“, изјави Катерина Паниќ Мирчовска, директорка на Општа болница Кочани.
Најмногу се обрнува внимание на групната физикална терапија, преку вежби за целото тело, фудбал, кошарка и вежби на справи. А, веќе има напредок кај пациентите, потврдува директорката на кочанската болница. Изготвени се и списоците за повредените во пожарот кои од петок во болницата во Кочани ќе добиваат ПРП третман, што претставува аплицирање плазма со тромбоцити за побрзо лечење на изгорениците.
Третманот ќе го спроведат специјалисти за пластична хирургија од болницата „Свети Наум Охридски“. А, повредените со ампутации кои се лекуваат во Скопје и на Пониква, ги посетила Шпела Керин, водечки протетичар од Словенија, со цел изработка на силиконски прсти по завршувањето на нивната физикална терапија.
„Беа посетени на Клиниката за пластична хирургија, еден пациент што е хоспитализиран на Институтот за физикална терапија Козле и три девојчиња на Пониква, кои што се со ампутирани делови од прстите. Беа посетени од специјалист за Ортопика од Словенија во соработка со „Отобок“, кој што треба понатаму да изработува силиконски прсти, значи замена за прсти“, додава Паниќ Мирчовска.
Уште тројца повредени во пожарот се на лекување во странство и исто толку продолжуваат со рехабилитација на Клиниката за пластична хирургија во Скопје, велат од Министерството за здравство. Тие се задржани за да им се зацелат раните, појаснуваат од ресорот. А, во приватната болница „Систина“ од здобиените повредни сѐ уште се лекуваат двајца пациенти. Министерството за здравство работи на подготовка на специјален Центар во Кочани, чија цел ќе биде социјализација на повредените во пожарот, дополнуваат од министерството.
На денешниот 100-ти ден од трагедијата во Кочани, иницијативата „Кој е следен“ постави 100 транспаренти низ Скопје, со пораки. Тие повикаа на здруженост за градење систем што ќе го брани животот, а не профитот и дека веќе нема назад во борбата за правда.
Сотир Трајков