Пакет од четири закони за јавната администрација треба да ги минат собраниските процедури до крајот на месецов и на почетокот на јули да стапат на сила, а се изработува и законот за правична застапеност, кој ќе биде доставен до Венецијанската комисија за евентуални забелешки пред да биде усвоен од Владата и пратен во Парламентот.
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев најави дека четирите закони кои се во собраниските комисии се клучни за модернизација и професионализација на јавната администрација.
„Денеска на пленарна седница е законот за инспекциски надзор, утре се закажани две собраниски комисии, денеска една. Во петок е втората пленарна седница. Јас очекувам почетокот на јули веќе да имаме усвоен пакет на четири реформски закони кој е согласно нашиот акциски план и стратегијата за реформи во јавната администрација“, вели Горан Минчев, министер за јавна администрација.
Законот за правична застапеност во чија изработка учествуваат експерти по уставно право денеска е на разгледување на седница на Владата. Минчев не кажа што предвидува новиот закон кој треба да го замени укинатиот балансер и дали ќе има нови вработувања по етнички клуч.
„Балансерот е укинат од уставниот суд и тоа беше мотивот овој закон да го прави група на уставни експерти да не се соочиме повторно со укинување на членови или одредби од новиот закон. Моделот на правична застапеност ќе биде донесен со подзаконски акти, но по претходните забелешки до венецијанската комисија, односно во следната фаза. По забелешките од Венецијанската комисија ќе биде пратен до Собранието“, додаде Минчев.
Од друга страна, пак, синдикатот на УПОЗ, побара Владата да го исполни ветувањето кога станува збор за покачување на платите во јавниот сектор и побара да престанат со притисоци за да се откажат од постоечкиот општ Колективен договор.
„Преговаравме и договоривме зголемување на додатоци на плати од 30 отсто во наредните четири години, но тие сè уште ги немаме добиено. Договорот е блокиран од Владата, бараат да се откажеме од општиот колективен договор за јавниот сектор. Од законите во кои се во собранието не гледам дека платите се како во општиот колективен договор и тоа треба да се примени“, рече Трпе Деаноски, претседател на УПОЗ.
Од УПОЗ најавија дека доколку е потребно повторно ќе излезат на протест како што се случи и во јануари.
Огнен Чанчаревиќ