Јавноста се крена на нозе по вознемирувачкото видео од тепање на четиригодишната ќерка. Мајката го снимила нападот, а таткото заврши во притвор. Центарот за социјални работи извршил разговор, децата се со мајката, а надлежните постапуваат по случајот.
„На ден 22.06.2025 година, специјализиран тим доби пријава од МВР за семејно насилство поднесена од страна на мајката, во која се наведува дека таткото извршил насилство врз малолетното дете. Од страна на Центарот веднаш е постапено, воспоставен е контакт со мајката и понудено е сместување во шелтер, но истата го одби тоа. За ден 23.06.2025 година е закажана средба во Центарот на која мајката се појави и беше спроведен разговор со истата. Постапено е согласно законските прописи и како институција ги презедовме сите потребни мерки за заштита на правата и интересите на децата“, информира Хамза Амети, директор на Центарот за социјални работи Скопје.
За да се надминат последиците од вакви сурови физички казни, потребна е брза стручна помош, некој да се грижи и работи со нив, сметаат психолозите.
„Обично последиците од вакво семејно насилство се многу сериозни кај децата, затоа што физичкото насилство е нешто што влегува длабоко во градење на интегритетот и на личноста. Доминира обично чувството на безбедност, дисконекција од телото, значи се двојат. Затоа што е нешто така повредено, навредено им е тешко да го прифатат и сега понатаму во животот тоа ќе се шири, како нешто ќе се генерализира на многу нивни начини кои што ќе живеат ќе избираат, ќе решаваат и никој не може да предвиди во каков правец сето тоа ќе оди“, смета психологот Мирјана Јовановска Стојановски.
Родителите имаат клучна улога во воспитување на детето, а кога тоа ќе почувствува и доживее ваква траума, ако не се вклучат стручни служби, може да се чувствува виновно за тоа што се случило, велат од детската амбасада „Меѓаши“.
„Домот треба да биде, пред сè, сигурно место за раст и развој на детето и кога вакво крвничко, физичко насилство ќе се случи врз сопствено дете кое може да остави и пострауматско стресно нарушување каде што директно учествувале, гледале нејзините сестри. Потребна е прва психолошка помош. Првите 48 часа се многу важни. Нашите СОС оператори се подготвени и работат 24/7, па би апелирал до потесното и пошироко семејство, доколку има потреба, да се обратат и на „Ало бушавко“. Разговарав со нашите оператори и тие се подготвени да дадат прва психолошка помош, се со цел да се оттргнат стравовите, анксиозноста која може да настане кај девојчето и вината индиректно кај сестрите“, вели Драги Змијанац од Детска амбасада „Меѓаши“.
Основното јавно обвинителство покрена постапка против 28-годишниот татко, осомничен за семејно насилство врз неговата малолетна ќерка, родена во 2021-та година. Според обвинителството, инцидентот се случил во нивниот семеен дом додека мајката подготвувала храна а девојчето си играло со своите две сестри. Се качило на креветот за да земе играчки, а таткото започнал со навреди и закани по нејзиниот живот.
Симона Петровска