Вести Свет Топ вести

И покрај прекршувањата, примирјето е во сила, тврди Трамп

Брзо постигнато, но и брзо прекршено. Примирјето меѓу Израел и Иран, кое доцна синоќа го објави американскиот претседател Доналд Трамп издржа само неколку часа пред и двете страни да го прекршат.

Откако стапи на сила во 4 часот по иранско време и 3 по израелско, и двете страни извршија дополнителни напади. Коментирајќи го почетокот на примирјето и неговото прекршување, Трамп посебно му замери на Израел, оценувајќи дека претерал во ноќните напади. Примирјето останува во сила, инсистираше Трамп, употребувајќи вулгарен израз да ги критикува Иран и Израел за неговото прекршување.

„Не ми се допаѓаат многу од работите што ги видов вчера, што Израел жестоко нападна веднаш штом го постигнавме примирјето. Не мораше да го направат тоа и не ми се допаѓа фактот што одговорот беше толку жесток. Но, да бидеме искрени, Израел многу напаѓаше. Сега слушам дека Израел повторно тргнал, бидејќи сметаат дека лансирањето на една ракета, која ништо не погоди, е прекршување. Ви велам, не ни се допаѓа тоа“, рече Доналд Трамп, претседател на САД.

Реакцијата на американскиот претседател се однесува на израелските воздушни напади кои таргетираа мети во главниот град Техеран, но и во северните и западните делови на земјата. Како одговор, Иран лансираше ново салво балистички ракети кои меѓудругото погодија станбена зграда во јужниот израелски град Бершеба, при што загинаа четири лица. Градот изминатите денови беше особено тешко погоден, откако минатата недела беше уништена болницата Сорока.

„Во одмаздничките напади врз Израел загинаа десетици лица. Луѓето овде велат дека се уморни од нападите и се надеваат дека примирјето ќе издржи. Некои од нив имаат пофални зборови за претседателот Трамп, кој го објави примирјето во понеделникот вечерта, порачувајќи им на страните дека треба да го почитуваат, но луѓето овде сѐ уште се скептични. Се надеваат дека ќе издржи“, јави Сем Медник, дописничка на Асошиејтед прес од Израел.

Но, дел од израелското општество и покрај сѐ останува пркосно.

„Дали верувам дека примирјето ќе издржи? – Се надевам. Не знам, не може да им се верува. Но, ако не издржи, знаат каков ќе биде одговорот на Израел и тие не можат ништо да направат затоа што ние го контролираме небото“, смета Михаел Ревзен, жител на Хаифа.

Објавувањето на примирјето следуваше по синоќешниот симболичен ирански напад врз американската воена база Ал Удеид во Катар. Брзо стана јасно дека станува збор за претходно договорено сценарио, затоа што наместо жесток одговор на иранскиот напад, како што претходно се закани Трамп, американскиот претседател објави дека Тел Авив и Техеран се согласиле на примирје.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Помали царински стапки за 67 стоки, се либерализира трговијата со САД – усвоени измените на Законот за царинска тарифа

Дејан Дејан

Избегнувајте работа на отворено од 11 до 17 часот – владата со мерки поради топлото време

Дејан Дејан

Трамп: Путин се јави и праша дали ни треба помош со Иран, му реков „ни треба со вас“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе