Израелските власти депортираа уште шестмина активисти од бродот што се обиде да достави хуманитарна помош во Појасот Газа, соопшти израелското Министерство за надворешни работи.
Меѓу депортираните е и Рима Хасан, француска пратеничка во Европскиот парламент. Министерството на социјалната мрежа Икс објави фотографии од дел од активистите во авион, со коментар: „Уште шест патници од „селфи јахтата“, вклучително и Рима Хасан, го напуштаат Израел. Чао – не заборавајте да направите селфи пред да заминете“.
Организацијата за човекови права „Адала“ потврди дека меѓу депортираните се и Германката Јасемин Аџар и Хасан.
Претходно, беа депортирани уште четворица активисти од бродот, вклучително и шведската активистка Грета Тунберг. Преостанатите лица на бродот првично одбивале да потпишат документи за депортација.
На бродот „Мадлин“, кој пловеше како дел од иницијативата на коалицијата „Флотила на слободата“, се наоѓаа вкупно 12 активисти. Бродот превезувал хуманитарна помош за Палестинците и имал цел да изврши притисок за прекин на израелската воена кампања во Газа.
Израелската морнарица го пресретна бродот во меѓународни води, околу 200 километри од брегот. Армијата ја оправда интервенцијата со поморската блокада на Газа, која е во сила од 2007 година. Бродот беше одведен во израелското пристаниште Ашдод во понеделникот навечер.